Со платежните картички нема да може да се подигнува готовина


Со платежните картички кои ќе ги добијат околу 100 илјади граѓани како мерка за справување со последиците од корона кризата нема да може да се подигнува готовина од банкоматите, туку тие ќе служаат исклучиво за безготовинско плаќање, рече денес министерката за финансии Нина Ангеловска на прес конференција, одговарајќи на прашање на новинарите.

Таа објасни дека уредбите со кои ќе се регулираат мерките од третиот сет помош за стопанството и граѓаните ќе бидат донесени до крајот на наредната недела.

Инаку, на забелешките дека граѓаните се збунети и дека не знаат каде и кога можат да аплицираат за платежните картички и за ваучерите, Ангеловска рече дека целта на мерките не е да се создаваат метежи, туку да се поедностави целата процедура.

Од базите на податоци што ги има во Управата за јавни прихходи и во Агенцијата за вработување има увид кои граѓани ги исполнуваат условите, односно кои оствааруваат најмногу до 15 илјади денари приход, односно плата за да може да ја користат оваа мерка“, рече Ангеловска.
Во тек се интензивни разговори со банките кои ќе ги издаваат картичките, рече Ангеловска

Важна е брзината, но и добрата координација со сите засегнати страни“, рече министерката за финансии додавајќи дека станува збор за голем проект кој не значи само да се даде еднократна финансиска поддршка, туку да се насочи каде што е неопходно – кон домашните производи и услуги.

Со картичките нема да може да се подигнува готовина, бидејќи нашата визија е да изградиме општество во кое ќе се плаќа безготовински што бара и промена на навиките“, рече Ангеловска.

Инаку со оваа мерка се опфатени невработените лица и активни баратели на работа кои имаат најмногу до 15.000 денари примања, кои ќе добијат еднократна помош од 9.000 денари. Владата со најновиот сет мерки предвиде и ваучери од 6.000 денари кои ќе бидат наменети за плаќање на услуги во туризмот, како и ваучери за учениците и младите лица до 29 години со кои ќе може да плаќаат услуги во ученички и студенствки домови, школарина или за разни дообуки и стручно усовршување. (М.Ј.)