Со Пласидо Доминго докажуваме дека сме на светската културна мапа, вели Оливер Арсовски од НОБ

Доминго е вториот од Тројцата тенори кои дојдоа во Македонија - по настапот на Хозе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година, кој беше гала настан за паметење


Еден од најголемите тенори на денешницата, но и врвен диригент, освојувачот на 12 Греми музички награди, Пласидо Доминго (83) , за првпат доаѓа во Скопје со премиерен и  ексклузивен концерт на 14 март, 2025 година во арена „Борис Трајковски“, во организација на Прагма Продукција во копродукција со Македонска Опера и Балет .

Како уметник сам по себе и како член на Тројцата тенори, (Павароти, Доминго и Карерас беа најпознатото трио тенори во светот), тој стана едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 Греми награди. 

 

Фото: Fiorenzo Niccoli

Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, достигнување кое не го направил ниту еден друг артист, со над 4,400 настапи, а потврда за неговиот уметнички статус е фактот што тој е почитуван диригент со повеќе од 600 настапи. Бил почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона, како и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.

Заедно со него, на сцената во арена „Борис Трајковски“ ќе застане и Марија Жозе Сири, една од водечките сопрани во светот, која има богата дискографија со ЦД и ДВД снимки. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од Белканто до Веризмо, а таа се издвојува како истакната интерпретаторка на најпознатите хероини на Верди и Пучини.  

Со концертот ќе диригира Жорди Бернасер, еден од врвните шпански диригенти денес, кој редовно диригира во најпрестижните традиционални театри и со реномирани оркестри. Тој ја започнал својата кариера како асистент на Зубин Мехта, Жорж Претр и особено на Лорин Маазел.

Доминго е вториот од Тројцата тенори кои дојдоа во Македонија – по настапот на Хозе Карерас на „Охридско лето“ во 2005 година, кој беше гала настан за паметење. 

„Куриозитет е што Доминго во Скопје ќе настапи со оркестарот на Националната опера и балет, што е реткост. Со оркестарот ќе има две проби во НОБ, од затворен карактер, и една тонска проба во „Борис Трајковски“. Доминго доаѓа неколку дена пред концертот, се уште не се знае дали ќе има официјална прес-конференција за медиумите. Ќе биде дозволено ТВ снимање и фото само на првите три арии. Многу сме горди што по долги преговарања ќе го имаме Доминго во Скопје, изјави денес на прес-конференцијата, Оливер Арсовски, директор на НОБ. Тој ја потенцираше поддршката од Министерството за култура за концертот ( 600 илјади денари н.з.), а генерален спонзор на гала настанот е компанијата „Алкалоид“.

Концертот ќе биде во два дела. Во првиот дел ќе бидат изведени популарни оперски арии од италијанската литература, од Пучини, Верди, Белини…, а во вториот, дела арии од шпанската литература и дела од Штраус  и Лехар.

Голем е интересот за влезниците на концертот од регионот, потенцира денес Кристијан Стефановски од „Прагма продукција“. Досега над 500 билети се продадени во Бугарија.  За барањата на ѕвездата, тој рече дека се скромни и се однесуваат за сместувањето и храната. 

„Некои нови балкански ѕвезди имаат поголеми барања  од суперстарот како Доминго, објасни тој. Концертот е специјален, не е дел од турнеја, рече првиот човек на „Прагма продукција“. 

Кариерата на Доминго почна да оди во надолна линија во 2019 година, кога осум оперски певици и балерина го обвинија тенорот за недолично однесување. По обвинувањата, поднесе оставка на местото генерален директор на операта во Лос Анџелес, функција која ја вршеше од 2003 година. И славната опера „Метрополитен“ во Њујорк , истата година, му откажа соработка на славниот тенор откако над 20 жени го обвинија за сексуално вознемирување пред три децении. 

Истрагата спроведена од операта во Лос Анџелес во 2020 година откри дека дека 10-те обвиненија за недолично однесување биле „веродостојни, делумно заради сличностите во нивните изјави“.

Како одговор на овие откритија, Доминго се извини за неговото однесување и презеде „целосна одговорност“ за своите постапки.

Сепак, тој продолжи да настапува надвор од Соединетите Држави, вклучително и на собирот за собирање средства во Буенос Аирес во 2022 година, во корист на жртвите од руската инвазија на Украина.

Влезниците за концертот се пуштени во продажба по цени од 2.000, па се до 5.000 денари, во зависност од зоната. (Л.С.)