Со пиштол се заканувал на снаата во Охрид, едвај го оттргнале – бројни семејни тепачки


Фото: Б. Грданоски

Во последното деноноќие пријавени се повеќе случаи на семејно насилство на територијата на целата земја.

Во саботата, во 09:40 часот во скопско, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.Р.(57) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека со тврд предмет ги нападнал неговата 47-годишна сопруга и нивната ќерка. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Синоќа, во 22:40 часот, полициски службеници од СВР Охрид го лиција од слобода С.Ѓ.(46) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава дека околу 21:00 часот физички ја нападнал неговата 67-годишна мајка и фрлал тврди предмети кон домот. Тој бил приведен во полициска станица и ќе биде спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Прилеп, каде што издржувал казна затвор, а бил пуштен на викенд отсуство. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Истиот де, во 17:25 часот во Радовиш, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш го лишија од слобода З.Р.(51) од Радовиш, постапувајќи по претходна пријава дека агресивно се однесувал кон неговата 51-годишна вонбрачна сопруга. Тој бил задржан во Полициската станица Радовиш, а за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по негово документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во 20:10 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид го лишија од слобода Р.К.(49) од Охрид. Според пријавеното, околу 19:30 часот во домот каде што живее тој со неговиот татко и сестра, настанала расправија помеѓу него и неговиот 44-годишен брат, по што тој со стаклен предмет ја нападнал сопругата на брат му, а откако влегле во возилото, останатите членови на семејството му кажале дека извадил пиштол и барале да си оди побрзо. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Во 16:40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Ж.Д.(43) од Куманово затоа што во семејниот дом агресивно се однесувал и се заканувал на неговиот син. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 07.08.2026 во 22:20 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишија од слобода Х.К.(40) од село во велешко, постапувајќи по претходна пријава дека во домот физички ја нападнал неговата 29-годишна вонбрачна партнерка и со остар предмет и упатувал закани. Предметот бил пронајден и одземен, а Х.К. бил задржан во полициска станица. Известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Утрово, во 03:45 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип го лишија од слобода Ш.К.(63) од Штип, постапувајќи по претходна пријава дека на 07.08.2026 во домот со тврд предмет ја нападнал неговата 59-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.