Со пешачка тура до планинарскиот дом Љуботен на Шара беше одбележан 22 мај- Меѓународен ден на биолошката разновидност


Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Програмата на ООН за животна средина УНЕП (UNEP) денеска го одбележа 22 Мај – Меѓународниот ден на биолошката разновидност со планинарска пешачка тура до најстариот планинарски дом на Шар Планина „Љуботен“, изграден во 1931 година. Освен министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на планинарската тура која се одржува под мотото „Ние сме дел од решението“ се приклучија и повеќе амбасадори од земјава со своите семејства и претставници на меѓународни организации.

-Со пешачењето до најстариот планинарски дом „Љуботен“ сакаме да ги промовираме убавините на идниот национален парк Шар Планина во Северна Македонија. Шара е делот што ни недостасува во мрежата на заштитени подрачја и таа е нашиот императив за заштита како ризница на биолошката разновидност на Балканот и Европа. Ме радува фактот што голем број дипломати денес се присутни на Шара и даваат поддршка на процесот во овие многу важни денови пред официјалното изгласување на законот во Собранието. Со овој настан уште еднаш потсетуваме дека ова наше природно богатство мораме да го заштитиме, за да го зачуваме, и да обезбедиме одржлива врска меѓу природата, посетителите и локалните заедници што живеат на Шара, изјави Нуредини по планинарењето.

Претставниците на странските амбасади истакаа дека се среќни што имале можност да ја посетат Шар Планина и домот на ПК „Љуботен, изразувајќи задоволство што се наближува и денот кога планинскиот масив ќе биде прогласен за национален парк.

-Прогласувањето за национален парк на Шар Планина се надевам дека ќе биде на начин со кој ќе се заштити природата и оригиналноста на ова место, истакна шефот на Мисијата ОБСЕ во Скопје амбасадорот Клеменс Која.


Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн изрази задоволство од посетата на оваа, како што рече, извонредна природа, недопрена убавина, која треба да се заштити. -Луѓето мораат да разберат дека оваа земја е нивна, треба да ги едуцираат децата да се грижат за неа, во насока да се зачува за наредните генерации. Тоа подразбира да не се загадува. Ние навистина се грижиме за земјата за следните генерации, ова луѓето треба да да го разберат и ние сме среќни да помогнеме околу тоа. Мило ми е што е помогнато тука на планината со цел да се привлечат повеќе луѓе кои ќе се однесуваат соодветно и ќе ја почитуваат животната средина, истакна германската амбасадорка Холштајн.

Евроамабасадорот Дејвид Гир порача дека ова место треба да биде заштитено. -Во време на предизвиците на нашето време поради климатски промени, деклинација на природа и уништувањето на природната разновидност, посебно сум среќен што сум денес тука кога го одбележуваме Денот на биолошката разновидност на Шар Планина, извонредно место со биолошка разноликост, место кое треба да биде заштитено не само за нас туку за иднините генерации, истакна Гир.

Задоволство од посетата на регионот и од одбележувањето на Денот на биолошката разновидност, изрази и швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада.

-Љуботен, врвот што е пред мене навистина е неверојатен, кога го гледаш се чувствуваш дека пешачиш по планината. Се надевам дека што повеќе луѓе ќе ја користат. Мислам дека треба да го промовирате што повеќе овој дијамант што го имате во вашата земја повеќе во иднина. Швајцарија е посветена на заштита на природната средина и помогнавме да се обнови планинарскиот дом Љуботен, горда сум што видов сега, потенцираше швајцарската амбасадорка Техада.

-Среќен сум што сум тука да се одбележи Меѓународниот ден на природната разновидност. Особено сум среќен што ова подрачје во иднина ќе биде национален парк. Во Италија имаме многу национални паркови и претставува одлична можност на тој начин да се заштити природната средина и во исто време да се обезбедaт можности за развој за многу луѓе, рече Андреа Силвестри, италијански амбасадор во земјава.

-За помалку од една година сум била можеби десет пати во планинарскиот дом Љуботен, до врвот Љуботен, до многу други различни делови на Шар Планина, за зимско планинарење, пешачење, скијање и се надевам дека сите жители на Северна Македонија ќе ја откријат оваа убавина и дека треба да го чуваме ова прекрасно место заедно. Мојата земја Шведска е многу внимателна со животната средина и се надевам дека ова ќе може да го направиме заедно. Секако сум среќна денес што сум тука да го одбележиме Меѓународниот ден на природната разновидност, интересна можност да дадеме нагласок на важноста за животната средина, Шведска дава придонес туку преку поддршка со наша програма за развој. Денес сакам да им се заблагодарам на планианрскиот клуб Љуботен и ќе им ја предадам книгата за национални паркови во Шведска и се надевам дека Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк, изјави Кристин Форгсен Бенгстон, амбасадорка на Шведска.

-Задоволство е на Меѓународниот ден на природна разноликост да се биде тука на Шара и да се одбележи фактот дека скоро ќе биде прогласена за национален парк за сите граѓаните. Среќна сум што во изминатата година живеам во оваа земја и покрај пандемијата во викендите успеав да ги поминам на Шара и Бистра и да ги искористам сите можности кои се нудат тука, рече британска амбасадорка Рејчел Галовеј.

Според претставничката на УНЕП, Искра Стојанова, благодарение на посветеноста и вклученоста на широк експертски тим, бројни институции, граѓанскиот сектор, локалното население, општините и секако службите на Министерството за животна средина и просторно планирање, прогласувањето на дел од Шар Планина за национален парк веќе е во последна фаза во собраниска постапка.

Овој настан е поддржан од СТАР5 (STAR5) проектот „Постигнување на заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и вклучување на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето“ финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, а се спроведува преку Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП) и Министерството за животна средина и просторно планирање, како главен партнер и корисник на проектот.