Со пари на Светска банка ќе се подобруваат условите во образованието


Фото: Б. Грданоски

Со повеќе од 20 милиони евра, пари на Светска банка, ќе се подобруваат условите во основното образование, најади денеска министерот за економија Фатмир Бесими.

Како што појасни, парите ќе се распределат во неколку компоненти, односно,
15,1 милиони евра за подобрување на условите во училиштата, 1,9 за реформа на следење на учењето, 2,9 зајакнување на капацитетите на наставниот кадар и стручните соработници и 1,5 за подобрување на системот за евалуација.

Целта на проектот е да се обезбедат подобри услови за учениците, особено за ранливите категории.

Проектот ќе се реализира во следните 5 години, до 2026 година од страна на Министерството за образование и наука, а во директна соработка со Бирото за развој на образование, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат, општините и основните училишта.

„Фокус е најдобриот интерес на сите ученици кои се всушност и директни и најголеми корисници на проектот. Приоритетни се вложувањата во опремување на кабинети по природни науки, набавка на ИТ опрема, нагледни и наставни помагала, исто така набавка на училишна опрема – клупи, столчиња, табли како и збогатување на библиотечните ресурси. Ќе се доделуваат и грантови за развојни планови и за туторство и менторство на ученици, особено од ранливите категории и подобрување на присуството во училиштето сега за време и после завршувањето на пандемијата“, нагласи Царовска.

Со вложувањата во развој и спроведување на систем на државно тестирање се овозможува следење на напредокот на основците, а особено ќе се проверува степенот на јазична и математичка писменост, кои се мерат на меѓународните тестирања како ПИСА, каде долго време имаме низок ранг. Во делот на подобрувањето на компетенциите на училишниот кадар, ќе следат повеќе и посовремени обуки за постојните наставници и стручните соработници, а ќе се менторираат и кандидатите за наставници и стручни соработници кои во иднина ќе се вработуваат во училиштата.  Преку  четвртата компонента на проектот ќе се модифицира моделот за распределба на средствата за финансирање на работата на училиштата, ќе се подобри ефикасноста а средствата од државниот буџет ќе станат подостапни за училиштата. 

„Овој среднорочен проект ги опфаќа сите аспекти кои се неопходни за да се постигне крајната цел – а тоа е поквалитетна основа на образовниот систем во државата.  Силно сум убедена дека проектот ќе успее и ќе го постигне очекуваниот ефект. Затоа што, освен поддршката од Светска банка која долги години е партнер на земјата, постои голема општествена сплотеност во заложбите за подобро образование“, посочи министерката Царовска.