Со остварување на сите цели од Националната развојна стратегија 2024-2044, сепак ќе бидеме под европскиот просек
Дури и Македонија комплетно да оствари сѐ што е предвидено со Националната стратегија 2024-2044, за 20 години ќе има раст од нешто над 4 до 4,6 отсто, што сепак ќе биде под европскиот просек. Од Владата, од каде инсистираат на промовирање и запознавање на јавноста со оваа стратегија, ваквите песимистички очекувани резултати од Националната стратегија уште на почетокот на нејзиното имплементирање го оправдуваат со комплетната девастација на македонското општество и инфраструктура, институционална и по менталитет, на што ќе треба да се работи, но изгледа без очекувани високи резултати.
Инаку, Националната развојна стратегија 2024-2044 е документ на кој се работело пет години, изработен од сите општествени чинители, а донесен е во октомври 2024 година, во Собранието со акламативно гласање.
Засега, според Националната развојна стратегија донесени се 44 мерки, во различен степен на реализација, а како дел од неа е и отворањето на Ресурсниот центар за поддршка на локалниот развој, што неодамна беше промовиран. Досега фокоусот е на реформи во правосудството, безбедноста, одговор на кризи, а во следната фаза следуваат образованието, здравството и други ресори.
НРЦ не треба да се меша со Реформската агенда, но како што појаснуваат пд Владата, секој нов проект, промена ќе треба да се усогласи со Националната стратегија.
Целта е зајакнување на конкурентноста на економијата преку функционален и иновативен екосистем, устовршување на вештините, вклученоста и отпорноста на граѓаните. Целите ќе се остваруваат преку шест стратешки области: Одржлива, иновативна и конкурентна економија, Одржлив локален и регионален развој, Демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, владеење на правото и добро управување и зелена трансформација.
За спроведување на Националната стратегија формиран е Националниот совет со кој претседава, премиерот Христијан Мицкоски, а во него членуваат четириесетина претставници на институциите, експерти од факултетите, невладините организации и бизнисот.
Досега се одржани 11 состаноци, а следниот ќе се одржи ан 23 декември годинава, по што и Владата ќе донесе заклучоци. За поддршка на спроведување на НРС, отворена е и дигитална платформа nrs.mk, каде секој може да го следи нејзиното спроведување, но и да даде свој придонес со идеи, за проекти кои би придонеле за успешно спроведување.
Од Владата планираат да направат и дигитална платформа по пример од Естонија, каде во реално време ќе можат да се следат промените.
Националната развојан стратегија изработена е и со поддршка на УНДП, со кои се очекува и понатамошна соработка во процесот на имплементирање. (Б.Б.)