Со монтажна катна гаража Крива Паланка го решава проблемот со паркирањето


Денеска во Општина Крива Паланка беше означен старт на проектот за изградба на прва модуларна катна гаража во општината што со обезбедување 166 паркинг места ќе направи голем исчекор кон решавање на еден од најголемите урбани предизвици во градот – проблемот со паркирање.

„Денес е убав и значаен ден за Крива Паланка. Денес, заедно, го трасираме јасно патот кон решавање на еден од најголемите и најдолготрајни урбани предизвици во нашиот град – проблемот со паркирањето. Со особено задоволство и чувство на одговорност, поставуваме камен-темелник на првата модуларна, монтажна катна гаража во Крива Паланка – проект кој ќе донесе нови 166 нови паркинг места и ќе го осовремени централниот градски реон.
Ова не е само инфраструктурен зафат. Овој проект е дел од нашата поширока визија – да изградиме уреден, функционален, одржлив и модерен град. Да обезбедиме јавен простор што одговара на потребите на нашите сограѓани и посетители, и да создадеме урбан простор што нуди ред, достапност и сигурност“, рече  градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Во рамките на проектот ќе се изврши целосна реорганизација на просторот околу градскиот пазар, со нов, современ концепт. Ќе се добие мултифункционален простор, уреден и достапен за сите граѓани, со  катна гаража и покриен зелен пазар.

Проектот се реализира со средства од општина Крива Паланка, за кофинансирање и со дотации од Владата и Министерство за транспорт.

Проект чини 67 милиони денари, за заокружување на оваа прва фаза.

Со катната гаража  ќе стопанисува Јавното претпријатие „Калин Камен“, кое за првпат ќе управува со ваков објект. Истовремено,  самото јавно претпријатие е целосно подготвено и за имплементација на системот за зонско паркирање во централното градско подрачје – за што се исполнети сите технички и административни предуслови.

Дополнително, веќе е изработен и проект за фотоволтаичен систем, со моќност од 1 мегават, кој ќе биде поставен на покривот на самата гаража.

„Продолжуваме да бараме финансиски модели и начини за негова реализација – затоа што не градиме само инфраструктура со која решаваме проблем, туку  водиме сметка и за енергетска ефикасност и  одржливост. Планирана е и втора фаза од проектот за катна гаража –истата ќе обезбеди уште 53 нови паркинг места, а општината веќе активно работи на обезбедување средства за реализација и на оваа фаза“, додаде Митовски.