Со мобилна апликација до нови бизнис-партнери
Само 5 проценти од македонските компании извезуваат во странство. Меѓу нив има малку мали и средни претпријатија, затоа што имаат ограничени ресурси, а треба да инвестираат во исполнување строги критериуми и стандарди, велат од Стопанската комора на Македонија додавајќи дека нивни главни пазари се земјите од Балканот. За да ја поттикне соработката со странските партнери, на компаниите им е на располагање мобилна апликација за бизнис можности, поврзана со базата на Европската мрежа на бизнис-можности „ЕЕН Македонија“.
„Во Македонија извозно се ориентирани околу пет проценти од компаниите, а доминираат големите фирми. ЕЕН е ориентирана кон малите и средни компании, им стоиме на располагање и им нудиме и други можности за технолошка соработка, за научно истражувачка работа, како и за различни видови економска соработка. Не можеме да го подобриме капацитетот на малите и средни претпријатија, но можеме да направиме оние што се подготвени за соработка да им најдеме одредени канали да ја остварат таа соработка“, вели Виктор Стојмановски од Европска мрежа на бизнис-можности.
Бизнис-апликацијата за три месеци ја искористиле 300 домашни фирми, претежно од ИТ, металопрерботувачката и текстилната индустрија. Апликацијата содржи секција за пронаоѓање партнери, со објавени профили на фирми насочени кон технологии, бизнис и програми за истражување и развој како „Хоризонт“, „Хоризонт 2020“ и други инструменти. Таму се објавени и домашните национални програми и повици за поддршка на компаниите.