„Со маки сум се родила“: Великанот Мето Јовановски испратен со омилената песна

Последно збогум како сцена од театарска претстава во чест на горостасот на македонското глумиште


Фото: Б. Грданоски

 

Портретна фотографија на Мето Јовановски. На левата страна од сцената на Драмски театар, празна фотеља на која се поставени еден шал, качкет, кожена торба и мантил.  Последно збогум како сцена од театарска претстава во чест на горостасот на македонското глумиште. Зашто тој беше срцето што најсилно чукаше во Драмскиот театар Скопје, во времето кога овој театарски ансамбл жареше и палеше на југословенската сцена со извонредна енергија, знаење, промисленост и неверојатна креативност.

Фото: Б. Грданоски

Мето, актер, професор, колега, но и обичен човек за кој неговите пријатели ќе откријат дека: 

Сакаше да го посетува манастирот СВ. Јован Бигорски;

Наизуст ги знаеше евангелијата,  

Беше човек волк самотник, имаше доверба во малкумина,

Ги сакаше своите ќерки,

Ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој, не сакаше да ја избричи, само малку да ја потшиша,

 Сакаше да носи шал, капа, карирани кошули, убави чевли и широки палта и капути,

Омилена му беше виолетовата боја,

Го сакаше цвеќето јоргован,

Му се допаѓаше левиот профил од неговото лице,

Сакаше тишина во ходниците низ театарот, пред почеток на секоја претстава,

Пиеше еспресо и кисела вода,

Не сакаше да дава интервјуа,

Сакаше да патува, со автомобил, сакаше долго да вози,

Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба,

Ја сакаше македонската традиционална песна. Омилена му беше „Со маки сум се родила“.

Фото: Б. Грданоски

Со „Бистра вода“ на „Леб и сол“  започна и заврши достоинствената комеморација во чест на човекот што повеќе од пет децении беше симбол и легенда на македонското глумиште, кој оствари улоги кои се влезени во македонскиот ген, денес, во преполната сала на матичниот театар Драмски од каде актерот беше испратен со долготраен, неколкуминутен аплауз од семејството, пријателите, колегите и медиумите  кои стоеја во достоинствен молк.

Фото: Б. Грданоски

Комеморацијата беше замислена како колаж од неговите театарски и филмски улоги кои ја одбележаа неговата величенствена кариера, со фотографии од претставите, а неговата омилена песна „Со маки сум се родила “ која маестрално ја испеа Верче од Љубојна ја трогна и ја расплака публиката. 

Фото: Б. Грданоски

Актерот Благоја Чоревски се потсети на нивните студентски денови, кога, како што кажа, заедно со Мето Јовановски престојувале во иста соба во Софија.

Фото: Б. Грданоски

 „Мето беше актер кој имаше енергија, имаше ‘атомска бомба’ во себе. Кога ќе излезеше го правеше тоа со некоја чудна леснотија, а во суштина е многу тешко“, истакна Чоревски и нагласи дека Мето за него ќе остане секогаш Енчо, како што се викале од една етида која ја правеле на Факултетот за драмски уметности во Софија.

Фото: Б. Грданоски

Крсте Јовановски за Мето вели дека ни остави аманет кој треба да го чуваме и споделуваме.

Фото: Б. Грданоски

 „Сите ние во текот на нашето живеење ставаме по нешто во нашиот живот, без разлика колку тој трае, некој повеќе, некој помалку, се зависи од она кој колку знаел и умеел. Почитувани, Мето во неговиот живот стави многу, затоа што многу знаеше и многу умееше, а и можеше. И тоа ни го остави во аманет да го паметиме и чуваме ние во нашите срца и да го пренесуваме“, нагласи Јовановски.

Фото: Б. Грданоски

Со актерот се поздрави и директорот на Црногорскиот народен театар, Илија Суботиќ, кој истакна дека Мето Јовановски беше голем пријател на Црна Гора, црногорската култура и Црногорскиот народен театар.

Фото: Б. Грданоски

 „Театарските и филмските улоги на Јовановски припаѓаат на најпосебните уметнички траги што останале во театарската и филмската уметност, на таа културна заедница која ги преживеала пред се, предизвиците на нашата комплицирана и бурна модерност. Мето е своевиден симбол на таа истрајност, уметник кој со еднаков интензитет ја носел автентичноста на своето родно место и истовремено владее со креативната моќ по која се препознава уметничката универзалност. Поради сите свои човечки и професионални доблести, тој останува примерен пример за идните генерации театарски и филмски уметници, кои преку неговата раскошна креативност можат да научат дека вистинскиот талент е несомнена вредност во секој простор и време“, рече Суботиќ.

Фото: Б. Грданоски

За Мето велат дека бил строг, но правичен во работата со студентите.

 „Тој не пушташе никого на неговите часови и проби со студентите. Тоа беше чин којшто тој го имаше само со нив. И кога беше многу задоволен, не ги фалеше премногу. Мето не криеше дека методот по кој работи е истиот метод по кој тој работел со неговиот професор Бојан Дановски. Беше перфекционист, а тоа го бараше и во работата, го бараше и од неговите студенти. Бараше постојаност на часовите. Беше строг и при давањето десетки, но остави длабоки траги во младата генерација на македонски актери“, велат неговите колеги.

Телеграми на сочуство до семејството на Мето Јовановски испратија: претседателот на државата, Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, националните установи – Македонскиот народен театар, Театарот за деца и младинци, Албански театар, Народен театар Битола, Факултетот за драмски уметности како и голем број негови театарски и филмски колеги и соработници.

Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Мето Јовановски почина на 16 ноември на 77-годишна возраст. 

Речиси и да нема македонски актер кој толку извонредно глумел и во театарот и во филмот. Тоа беше работа која го издвојуваше Мето Јовановски – тој многу добро знаеше да оцени како да се глуми на театарската сцена, а како на филмските сетови.

Роден е во пехчевското село Панчарево во 1946 година. Студираше Театарска акдемија во Софија и по враќањето во Југославија првиот ангажман му беше во Народниот театар во Штип. Кога неговиот талент и знаење станаа претсесни се префрли во Драмскиот театар во Скопје. Глумеше на многу сцени во Македонија и во некогашна Југославија. Во драмите на Горан Стефановски – „Диво месо“ и „Лет во место“ – беше равенката која ја носеше претставата.

Од другите театарски претстави треба да ги споменеме „Мачка на вжештениот лимен покрив“, „Јане Задрогаз“, „Галеб“, Смртта на Дантон“… а од филмовите „Пред дождот“, „Засега без добар наслов“, „Нечиста крв“, „На пат за Катанга“, „Трето полувреме“…

Двапати е добитник на државната награда „11 октомври“ и на бројни други државни признанија. Добитник е и на државната награда за животно дело „Војдан Чернодрински“. Пет пати бил прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“. Седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Четири пати лауреат на наградата „Милтон Манаки“. 

Л. Сабит