Со линеарното зголемување на пензиите се исправале неправдите од транзицијата, вели Димитриеска Кочоска


Фото: Б. Грданоски

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска денеска изјави дека линеарното зголемување на пензиите е поради тоа што во текот на транзицијата многу од вработените биле оштетени и затоа има толку многу пензионери со ниски пензии.

„Јас многу често го зборувам тоа и е резултат на тоа што ние сега во моментот имаме пензионери коишто се пензионери од периодот на транзиција. Ние знаеме многу добро што значеше тоа и зошто имаме пензионери со толку ниски пензии. Токму заради тоа се одлучивме на овој чекор. Парите се обезбедени во буџетот за следната година, апсолутно нема никаков проблем, нормално е дека со борбата со сива економија буџетот ќе се полни повеќе. Кога зборуваме за сива економија мора да разбереме дека во сива економија влегуваат и работниците коишто земаат пари во плик. Така што и тој дел кога ќе се регулира таа разлика ќе се намалува“, рече Димитриеска Кочоска одговарајќи на прашања на новинарите за време на прес конференцијата на која даде отчет за сработенот во првите 100 дена од работењето на Владата.

Напоменувајќи дека пензиите се во надлежност на Министерството за социјала, по ново демографија и млади, таа посочи дека пари во буџетот се обезбедени за пензии за следната година и укажа дека лицата со најниски пензии се токму лицата од периодот на транзицијата, кои останаа без работа или имаат малку стаж. 

„Да, точно е, парите од буџетот коишто ние ги додаваме се толку. Меѓутоа, тоа е вкупниот износ којшто го префрламе, горе имаат тие и врз основа на сопствените проекции проектирано приливи. И сега нето ефектот не е 1,7 милијарда евра не е толкав туку е помал, независно. Како планираме да ја затвориме оваа дупка. Оваа дупка не е од сега“, рече Димитриеска Кочоска.

Таа посочи дека со годините постојано се зборува за фантом пензионери, за фантом осигуреници, но никој досега не извадил податоци.

„Очекувам во периодот кој следи најпвин да се направат ревизии, да ја видиме реалната состојба на Пензискиот фонд, а потоа може да размислувате каква политика ќе воведувате“, вели министерката.

Таа  нагласи дека за да може да се носат одредени одлуки, мора да се има реалната слика.

„За жал во изминатиот период можам само да констатирам дека ние никогаш не сме ја имале реалната слика. Јас сега имам постојана комуникација со министрите, бидејќи го подготвуваме буџетот за 2025 година, разговаравме за одредени работи кај нив и она што најмногу ме загрижува е неодговорноста на поедини институции во делот на тоа како треба да си ги третираат своите обврски и реализации на буџетот. Ние сето тоа тоа треба да го смениме, и токму во таа насока МФ веќе прави план и почнува со работа со Академијата за јавни финансии каде што ќе има постојано предавања и обуки за вработените во делот на финансии по институциите, бидејќи навистина имаме големи недоразбирања и потоа се појавуваат обврски за кои што тие дури не се ни свесни. Често одговорот им е вака било 30 години, тоа треба да го смениме, да застанеме на нозе и да ја видиме реалната слика и да најдеме механизам како тоа ќе го менуваме, вели министерката за финансии на новинарско прашање дали Владата работи во насока на креирање политики во наредниот период за зајакнување на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и негова самоодржливост“, рече таа. 

За барањето на синдикатите за минимална плата од 450 евра, таа кажа дека не би коментирала однапред за прашање кое ќе се разгледува на денешната прва седница на Социо-економскиот совет која ја води министерот за економија и труд, каде треба да се донесат одредени политки.