Со кое име на државата е поднесена иницијативата за референдум на ВМРО-ДПМНЕ?


Иницијативата за референдум како неуредна ќе биде отфрлена, бидејќи е поднесена до претседателот на Собранието без да се употреби уставното име на функцијата на Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија. Тоа можеби ќе биде формалната причина иницијативата за организирање референдум на ВМРО-ДПМНЕ да не го помине собранискиот филтер, објави телевизија Сител, повикувајќи се на пратеници од владејачкото мнозинство кои ја виделе иницијативата.

Но, од друга страна, наспроти најновата дилема за формалната адреса на иницијативата до собранискиот спикер, токму координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во петокот, кога даваше изјава, на прашање на новинарите да каже како ја адресирале иницијативата, категорично рече: „До Собранието на Република Cеверна Македонија“.

Претходно, тој објасни дека во текстот на иницијативата е наведено референдумското прашање во кое се цитира Закон за ратификација на Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, потенцирајќи дека тоа секако не може да биде пречка бидејќи под тоа име во 2018 година беше донесен законот и дека под тоа име е објавен во Службен весник.