Со клучката кај булеварот „Словенија“ се поврзува јужниот со северниот дел на градот
Денеска се најави уште еден голем проект за жителите на Скопје – изведбата на клучката кај булеварот „Словенија“, која заедно со клучката кај Момин поток се наоѓа на едната од двете главни рути кои ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот.
На презентацијата на овој капитален проект денеска присуствуваа и вицепремиерите, Фатмир Битиќи и Артан Груби, како и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.
– Денеска започнува постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на клучката кај булеварот „Словенија“, што е всушност продолжение на клучката кај Момин поток. Овде го решаваме тесното грло на поранешната Јадранска магистрала, сега булевар „Хасан Приштина“. Ова не значи само работа на клучката, ова значи дека почнуваме со градба на два нови булевара – едниот е булеварот „Хасан Приштина“ низ индустриската зона Визбегово до обиколницата, а вториот е продолжението на булеварот „Словенија“ кој што ќе оди до Волково и ќе се вклучува на обиколницата на западниот влез во градот. Вкупната инвестиција изнесува околу 550 милиони денари, а започнуваме со средства од ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија, обезбедени од страна на Владата, во износ од 2 милиона евра. Ова е инфраструктура која го решава најголемиот проблем во сообраќајот кој што во моментот постои во нашиот град, но создава и перспектива за понатамошен непречен развој на Скопје – рече градоначалникот Петре Шилегов, на презентацијата.
Тој очекува дека за 2 до 2,5 години овој потег и северниот влез во Скопје ќе добијат сосема поинаков лик.
Станува збор за огромен проект во вкупна вредност од околу 8,5 милиони евра, од кои за првата фаза 2 милиона евра се обезбедени со поддршка од Владата преку ребаланс на Буџетот. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, проектот предвидува денивелиран патен јазол чија конструкција предвидува пет рампи кои директно ги поврзуваат булеварите „Словенија“ и „Никола Карев“ и улицата „Новопроектирана 6“. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД булеварско осветлување, средишно и странично зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.
Изградбата на оваа клучка е од особено значење заради пробивањето на двата булевари, булеварот „Словенија“ кон Карпош и булеварот „Хасан Приштина“ кон излезот за Косово.
За потсетување, во северниот дел од градот Градот Скопје веќе ги заврши булеварите „Босна и Херцеговина“, „Христијан Тодоровски Карпош“ и „Никола Карев“, а во тек е изведбата на клучката кај Момин поток.