Со извршители Општина Битола си го врати репрезентативниот објект „Соколаната“, закупецот ја реиздавал, а не плаќал редовно кирија

Неверојатно, но вистиното, цената на киријата за целиот овој комплекс била само 200 евра месечно, а кираџијата „Џокер турист“ од Битола и таа сума не ја плаќал редовно, вели градоначалникот Тони Коњановски


БИТОЛА – Репрезентативниот објект познат како „Соколаната“ сместен во Градскиот парк во Битола денеска со извршители ѝ се врати на Општина Битола. Од Општина Битола за „Независен“ потврдуваат дека локалната власт утрово го презеде објектот оти закупецот го реиздаваше, а во исто време ненавремено ги регулираше обврските кон Општината.

„Согласно донесеното решение од Апелацискиот суд, извршителот ќе постапува денес, со што општината ги враќа назад објектите“, потврдуваат од Општина Битола.

Иако даден под закуп на 30 години, закупецот го реиздавал на други и земал кирија, па Општина Битола покрена судска постапка со која си го врати објектот речиси десеттина години порано од договорот за закуп до 2035 година.

Поранешната битолска „Соколана“ е комплексот кој се простира на површина од над 10.000 квадратни метри (спортски објект од 992 м2, познат како ДТВ „Партизан“, како и дворно место од 8.399 м2 ), тука влегува и поранешниот кафе-бар „Зодијак“, спортското игралиште за мали спортови, паркингот, детскиот забавен дел, тениското игралиште, дуќаните што излегуваат на улица „Партизанска“ и други објекти, дадени под кирија уште во 2005 година.

Неверојатно, но вистиното, цената на киријата за целиот овој комплекс била само 200 евра месечно, а кираџијата „Џокер турист“ од Битола и таа сума не ја плаќал редовно, образложи градоначалникот Тони Коњановски.

Колку за споредба, цената на кириите за дуќаните на Широк Сокак, месечно се движат од 1.000 до 2.000 евра за дуќанче од 20 до 30 м2, па дури и до 5.000 евра за драстично помали површини од „Соколаната“.

По одлуката за извршување, општината вчера спречила да се демолира објектот во обидот да се испразни, оти се корнеле врати и прозорци, дури имало и обид да се откорне и паркетот.

Од Општина Битола денеска потврдуваат дека случајот завршил пред Апелацискиот суд во Битола, откако лани во ноември Општина Битола го раскинала договорот со фирмата „Џокер турист“. Апелација со одлуката за враќање на „Соколната“ на Општина Битола всушност само ја потврди првичната одлука на Основниот суд во Битола.

„Апелацискиот суд во Битола донесе Решение со кое жалбата на должникот се одбива како неоснована, а Решението на Основниот суд се потврдува.“

Во образложението на решението стои дека му се наложува „на должникот во рок од 8 дена од приемот на налогот, да ја предаде во владение на доверителот недвижноста со ознаки и објекти и површини наведени во изреката на решението. Со налогот му се забранил на должникот да ја отуѓува или оптоварува наведената недвижност“, стои меѓу другото во образложението на Решението од Апелацискиот суд.

Градоначалникот Коњановски вели дека „ваквата законска одлука не значи дека гимнастиката во Битола ќе згасне, или дека Клубот на гимнастички спортови Битола нема да работи. Напротив, објектите кои што се во функција на спортот, како што е гимнастичката сала, може да се издаваат според утврден ценовник на општината. Клубот за гимнастички спортови, како и сите останати спортски клубови, ќе може да ја користат и понатаму, во насока на развој на гимнастиката. Меѓутоа, општината нема да го дозволи реиздавањето на просторот под закуп и правењето на профит на сметка на спортот.“

Закупецот на ДТВ „Партизан“, Љупчо Арнаудов во неколку наврати потенцираше дека „Џокер Турист“ е фирма што го реновираше домот, постави осветлување, стави нова фасада. Го претвори во место каде спортуваат 120 деца.

Инаку „Соколната“ е изграден во 1932 година, за време на Кралска Југославија кога биле изградени околу 120 вакви објекти низ градовите. Повозрасните битолчани раскажуваат дека градењето на соколаните имало многу стриктни барања како за локацијата и за поставеноста на објектите, така и за внатрешноста, за димензиите на салите, бројот на соблекувалните и другите пропратни простории. Салите требало да се поставени во правец север-југ и да имаат големи прозорци. Надворешниот изглед на објектот требало да го прати амбиентот на градот, а се користел како фискултурен дом.