Со изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience“ ќе биде отворен фестивалот Скопје Синема Сити


Со изложбата насловена „The Vlatko Stefanovski Experience“, која се состои од концертни фотографии и архивски материјали, вечер со почеток во 21 часот, во галерискиот простор на Мала станица, ќе биде означен почетокот на јубилејното, десетто издание на фестивалот Скопје Синема Сити.

– Изложбата „The Vlatko Stefanovski Experience“ претставува дел од историјата на Влатко видена низ призмата на четворица реномирани фотографи како Стефан Рајхл, Ангел Ситновски, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, а ќе бидат вклучени и архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски – Манде. Како куриозитет ќе бидат изложени и звучниците Legendary на Теохаров аудио, кои се дизајнирани заедно со Влатко, информираат од Скопје Синема Сити.

 

Филмскиот дел кој ќе се одвива во Кинотека на Македонија од 1 до 4 јули, ќе биде отворен со „Карлос“, филм за големиот гитарист Карлос Сантана, додека вториот ден ќе се прикажат филмовите „Ајде да се изгубиме“ за џез трубачот Чет Бејкер и „Џо Страмер: „Иднината е ненапишана“.

– Земја во фокус на фестивалот е Полска, каде ќе бидат прикажани два филма на Грегор Брзозович, кој и ќе биде гостин на фестивалот. Исто така, Скопје Синема Сити ќе додели награда за животно дело на големиот филмски композитор Збигњев Прајснер, соопштуваат од Скопје Синема Сити.