Со изложба и концерт во Белград се отвора македонскиот КИЦ

Со изложба и концерт вечерва во Белград ќе биде отворен за посетители Македонски културно-информативен центар, јави дописникот на МИА од Белград.
На изложбата ќе бидат претставени дела на 24 уметници.
„Овие автори одамна им се познати на љубителите на ликовната уметност. Тие се директна нишка или еден вид мост што ги поврзува српската и македонската култура и уметност“, изјави за „Политика“ Васко Шутаров директор на Македонскиот култиурно-информативен центар.
Според него, Културно-информативниот центар (КИЦ Белград), Здружението на македонски уметници во Србија, „Галерија М“ и Фондацијата „Нушиќ“, за изложбата собрале 50 дела на уметници од сите генерации од кои најголем дел од својот живот го поминале во Белград.
Во 2022 година на седница на македонската влада беше утврден Предлог-законот за ратификација на Спогодба меѓу македонската и српската влада за основање културно-информативни центри во Белград и во Скопје.
Културните центри, согласно политиката на добрососедство придонесува за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста. Таквите центри овозможуваат навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави односно претставува мост за зближување и заемно запознавање.