Со фадо музика стартува „ОФФест 2023“ на 7 јуни

Во рамките на „ОФФест“, до 10 јуни, публиката може да очекува богата програма, која ќе се состои од осум концерти и од една проекција на документарен филм


„ОФФест“ ќе биде отворен на 7 јуни (20 ч.) со концертот на уникатната португалска музичарка Мисиа и нејзиниот состав, во Националната опера и балет. За неа велат дека е пионер, слободен дух, кој успеа да изгради своја патека во жанрот и, веројатно, затоа некои ја нарекоа и „анархист на фадото“. Нејзиниот уникатен глас одново и одново импресионира со своите театралност и авторитет што е неспоредлив.

Годинашниот фестивал „ОФФест“, и покрај првичното откажување поради намаленaта финансиска поддршка од Министерството за култура, сепак, ќе го одржи своето 22. издание, откако во меѓувреме беше постигнат договор за корекција на доделените средства. Тој ќе стартува на 7 јуни (20 ч.) со концертот на уникатната португалска музичарка Мисиа и нејзиниот состав, во Националната опера и балет. За неа велат дека е пионер, слободен дух, кој успеа да изгради своја патека во жанрот и, веројатно, затоа некои ја нарекоа и „анархист на фадото“. Нејзиниот уникатен глас одново и одново импресионира со своите театралност и авторитет што е неспоредлив.

Според организаторите, во рамките на „ОФФест“, до 10 јуни, публиката може да очекува богата програма, која ќе се состои од осум концерти и од една проекција на документарен филм.

Веќе наредниот ден (8 јуни), во рамките на програмата ќе се одржат два концерта, и двата во НОБ. Прво ќе настапи Мари Калкун од Естонија. Музиката на Калкун, иако ја пее на јазик што малкумина го разбираат, создава медитативна и необична атмосфера, која предизвикува многу емоции. Нејзините слободни музички аранжмани во основа се детерминирани од звукот на канелот – традиционална естонска цитра. 

Следува концертот на македонската уметница Зарина Првасевда. На границата меѓу автентичноста и пренесувањето на културното наследство низ самоизразување, таа го пронајде својот сопствен израз на својот долгоочекуван деби-албум „Ехо“, издание што содржи единствен пристап – 11 традиционални песни на четири различни јазици…

На 9 јуни, на сцената на НОБ, во 20 часот ќе настапат Џастин Адамс и Мауро Дуранте. Тие се врвни музичари со различен бекграунд, кои ги обединува нивната длабока поврзаност со древната транс-музика.Во 22 часот таа вечер, ќе настапи Крсте Роџевски – пејач, гитарист и композитор, активен на авангардната „даунтаун“ сцена од својата преселба во Њујорк во доцните деведесетти. Новото, шесто по ред, издание на Роџевски под наслов „Black Earth“ продуцирано од Бил Ласвел, ќе излезе во втората половина на оваа година, за „Defkaz Records“.

Последните два концерта, на 10 јуни, ќе се одржат во Младинскиот културен центар. Во киното „Фросина“, во 19 ч., публиката ќе има можност да го проследи  документарниот филм „Little Blue Nothing“ за музички портрет на Ирена и Војтех Хавлови.

Чешкото дуо Ирена и Војтех Хавлови (The Havels) во 20 часот ќе одржи концерт во „Фросина“. Тие имаат речиси 40-годишна заедничка уметничка кариера и партнерство зад себе. Започнаа да работат заедно во средината на 80-тите, како дел од експерименталниот ансамбл „Capella Antiqua e Moderna“, уникатна асоцијација на музичари чиј репертоар опфаќаше различни стилови на европската класична музика: од ренесансата до современата.

Директно од срцето на Магреб, пак, во денсинг салата, од 22 часот ќе настапи „Bab L’ Bluz“ (Порта на блузот). Тие го редефинираат традиционалниот северноафрикански блуз на нетрадиционален начин.

„Овој квартет, формиран во Маракеш во 2018 година, е инспириран од мароканските музички традиции, во комбинација со рок-музиката, современите звуци и мароканскиот поп“, посочуваат од „ОФФест“.

„Оффест 2023“ завршува со полноќниот концерт на гитаристот Дизи Манџеку, кој го сметаат за жива легенда на конгоанската румба.

Под уметничко раководство на Дизи, ‘Orchester African All Stars International’ објави три албуми, кои се сметаат за вистински конгоански споменици“, се вели во најавата на концертот, кој започнува во 24 часот, во МКЦ.