Со европско знаменце ќе се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување
Во Собранието експресно се закажа собраниската Kомисија за европски прашања на која во процедура со „европско знаменце“ власта сака да го смени Кривичниот законик. Со оваа промена Владата предлага намалување на казните за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и за „злосторничко здружување“.
Со една од промените се предвидува дека сторителот ќе се казни со казна затвор од една од 4 години, што значи дека се воведува горна граница, од која се пресметува застареност. Во актуелното законско решение, нема горна граница, туку санкцијата е дефинирана на најмалку 3 години, што значи дека горната граница се поставува на 20 години.
Ова не е прв пат измените во Кривичниот законик да поминат во Собранието.Ваков обид имаше пред да се галса за уставните измени за промена на името, но по бурните реакции на дел од тогашните пратеници законот беше повлечен. Подолу се измените за овие дела:
Злоупотреба на службената положба и овластување
Член 353
(1) Службено лице кое со искористување на својата
службена положба или овластување, со
пречекорување на границите на своето службено
овластување или со неизвршување на својата
службена должност ќе прибави за себе или за друг
некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе
се казни со затвор од шест месеци до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 ќе прибави
поголема имотна корист или ќе предизвика
поголема имотна штета или потешко ќе ги повреди
правата на друг, ќе се казни со затвор од шест
месеци до пет години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави
значителна имотна корист или нанесе значителна
штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку
три години.
(4) Со казна од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и
одговорно лице, одговорно лице во странско правно
лице што има претставништво или врши дејност во
Република Македонија или лице што врши работи
од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење
на неговото посебно овластување или должност.
(5) Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при
вршење јавни набавки или на штета на средствата
од Буџетот на Република Македонија, од јавните
фондови или од други средства на државата,
сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет
години.
Несовесно работење во службата
Член 353-в
(1) Службено лице или одговорно лице во јавно
претпријатие или јавна установа кое со повреда на
законските прописи за судир на интересите или за
совесно постапување при вршењето на
дискреционо овластување, со пропуштање на
должен надзор или на друг начин очигледно
несовесно постапува во вршењето на своите
овластувања и должности и со тоа ќе прибави за
себе или за друг некаква корист или на друг ќе му
нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци
до три години.
(2) Ако сторителот на делото од став 1 прибави
поголема имотна корист или предизвика поголема
имотна штета или потешко ги повреди правата на
друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет
години.
(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави
значителна имотна корист или нанесе значителна
штета, ќе се казни со затвор најмалку три години.
(4) Со казната од ставовите 1, 2 и 3 ќе се казни и
одговорно лице, одговорно лице во странско правно
лице кое има претставништво во Република
Македонија или лице кое врши работи од јавен
интерес, ако делото е сторено во вршење на
неговото посебно овластување или должност,
определено со закон.
(5) Службено лице или одговорно лице во орган на
државна управа или друго правно лице кое со
повреда на законските прописи за спроведување на
управна постапка, со пропуштање на должен надзор
или на друг начин несовесно постапува во
вршењето на своите овластувања и должности и со
тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист
или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со
затвор од шест месеци до три години и со парична
казна.
(6) Тој што делото од ставот (5) ќе го стори од
небрежност, ќе се казни со затвор од шест месеци
до две години и со парична казна.
Злосторничко здружување
Член 394
(1) Тој што ќе создаде група или банда што има за
цел вршење на кривични дела за кои може да се
изрече казна затвор од три години или потешка
казна, ќе се казни со затвор од една до десет години.
години.
(2) Припадникот на групата или бандата, ќе се
казни со затвор од шест месеци до пет години.
(3) Ако групата или бандата има за цел вршење
кривични дела за кои може да се изрече казна
затвор од најмалку осум години, огранизаторот, ќе
се казни со казна затвор најмалку четири години, а
припадникот на групата или бандата ќе се казни со
казна затвор од една до пет години.
(4) Припадникот на групата или бандата кој ќе ја
открие групата, односно бандата, пред да стори
некое кривично дело во нејзин состав или за неа, ќе
се ослободи од казна.
(5) Предметите и средствата што групата или
бандата ги користи за подготвување на делата, како
и средствата за нивното финансирање се одземаат.
Изработување и набавување оружје и средства
наменети за извршување на кривично дело.
Во објаснувањето за промената стои:
Злоупотребата на службената положба и овластување веќе подолго време како инкриминација е критикувана и го има епитетот на реликт од казненото законодавство во поранешна Југославија. Главната забелешка е дека се работи за апстрактна инкриминација чие битие е
бланкетно и сето тоа придонесува кон различно толкување во нејзината примена. Во прилог на ова стојалиште се и компаративните законици на земјите од Европската Унија. Така на пример, КЗ на Германија не познава одредба која што има ваков карактер. Тоа не значи дека не се санкционираат различните облици на злоупотреба на службената положба и овластување. Argumentum a contrario, се конкретизираат најчестите конкретни облици на злоупотреба и притоа се пропишуваат казни кои зависат од квалитетот на неправото.
Таков е концептот и на новиот КЗ на РСМ кој што во најскоро време треба да биде донесен.
Предложените решенија (намалувањето на предвидените казни) во член 353 како и бришењето
на некои ставови се движат во таа насока- да бидат на линија на новиот концепт во којшто се има направено стандардизација на критериумите за одмерување на казните. Во таа смисла се и корекциите на членот 353-в и 394 од КЗ на РСМ. Потребни се, во овој меѓупериод до донесување на новиот КЗ, интервенции што би значеле приближување до новиот концепт на КЗ. И одредбата од член 353-в која е замислена како надградба на член 353, изобилува со многу непрецизности и неконзистентност во предвидените казни. Со овие измени и дополнувања се очекува да бидат исполнети одредени европски стандарди како и „бајпасирање” на актуелните состојби во казненото законодавство.
Инаку добар дел од измените се однесуваат на еколошкиот криминал, за заштита на животните, за злоупотреба на фондовите на ЕУ (казната е од една до 10 години), за даночен и царински криминал (двојна евиденција, затајување и слично), за конфискација на имот кој сега опфаќа и трети лица покрај членови на семејството ако не можат да докажат како дошле до него, а рокот во кој ќе се пресметува имотот што бил стекнат криминално е – не подолго од пет години од денот кога е направено делото. Имот ќе може исто така да се конфискува и ако има правни пречки во моментот (веројатно инспирирано од пропустите при конфискацијата на имотот на Сеад Кочан). Во предлогот имено стои:
Од сторителот на кривично дело извршено во
состав на злосторничко здружение, со кое е
извршено кривично дело за кое може да се изрече
казна затвор од четири години или потешка казна
или за кривични дела против човечноста и
меѓународното право, кривични дела против
половата слобода и половиот морал, кривични дела
против имотот или кривични дела против
службената должност од овој законик, ќе се
конфискува имотот стекнат во временски период не
подолг од пет години пред сторувањето на делото
за кое е осуден со правосилна судска пресуда, кога
врз основа на сите околности, факти и докази, судот
основано е уверен дека имотот ги надминува
законските приходи на сторителот и потекнува од
такво дело.
(2) Под условите на ставот (1) од овој член
проширена конфискација спрема сторителот на
делото се спроведува и кога постојат фактички или
правни пречки за водење на кривичната постапка,
во постапка уредена со закон.
(3) Ако поради фактички или правни пречки
не може да се спроведе проширена конфискација
спрема сторителот на кривичното дело, а се
исполнети условите од ставот (1) на овој член,
нелегално стекнатиот имот се конфискува и од
трети лица или членови на неговото семејство на
кои е пренесен или за кои е остварен, доколку
имотот постои.
(4) Имотот од ставот (1) на овој член се
конфискува во постапка на конфискација и од
членови на семејството на сторителот на кои е
пренесен кога е очигледно дека не дале
противнадоместок што одговара на неговата
вредност или од трети лица ако не докажат дека за
предметот или имотот дале противнадоместок што
одговара на нивната вредност”.
На почетокот на предлогот за измени стои дека кривичниот закон е донесен во 1996 година и оттогаш е менуван 39 пати.