Со есенски датум до врело политичко лето
Премиерот Зоран Заев утре и задутре ќе престојува во Берлин, каде што ќе има свое обраќање на годишниот прием на Стопанската комора на Германија за Источна Европа. Во рамки на оваа посета се очекува да се реализира и средбата што ја најави Заев со германската канцеларка Ангела Меркел. Од разговорите со Меркел во голема мера зависи како ќе се развива ситуацијата околу датумот за почеток на преговорите со ЕУ, а со тоа и на внатрешно-политички план.
Пред да замине за Берлин, Заев денеска во Скопје го чека седница на Владата, на која не е исклучена смена на неколку директори или раководители на институции и државни претпријатија, во рамки на најавената реконструкција на извршната власт. Со овие смени не е исклучено да бидат опфатени и кадри на ДУИ. Што се однесува, пак, до смената на министри и евентуално на заменици во министерствата, тој процес засега е ставен во мирување, во очекување на посигурни сигнали дали државата во текот на летото ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Во случај, пак, датумот да биде „есенски“, според проценките во политички кругови, мошне извесно е дека ова лето ќе помине во знак на нови внатрешно-политички превирања, што во најмала рака би значеле враќање на премиерскиот мандат на Заев кај новиот претседател Стево Пендаровски и влегување во процес на формирање ново парламентарно мнозинство и нова влада, при што би биле отворени сите опции. Порадикално сценарио би било распишување предвремени избори, преку распуштање на парламентот со 61 глас. Во таков случај, изборите би се одржале не порано од крајот на септември, поради рокот од 100 дена за формирање техничка влада што, пак, би значело само нешто повеќе од четири месеци по неодамнешните претседателски избори, кои поминаа во атмосфера на очигледна апатија на гласачкото тело. Од друга страна, избори пред новиот европски самит во октомври, како термин кој се посочува како „друга шанса“ за определување преговори со Северна Македонија, би можеле да влијаат негативно на евентуалната тогашна одлука за добивање датум.
Додека во владејачкиот табор владее атмосфера на исчекување на кој датум земјата може да очекува датум за почеток на преговори, односно дали тоа ќе се случи овој или следниот месец или, пак, ќе се чека до есен, опозицијата веќе почна да настапува со прогнози дека битката за преминување во следната фаза од процесот на интеграција во ЕУ е изгубена.
– Жално е што Македонија нема да почне преговори заради погубните политики на Зоран Заев – изјави вчера портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Според опозицијата, Заев ја обвинува Меркел дека не давала датум за преговори.
– Замислете, Меркел не застанала спроти економскиот систем на Германија, на германските стопанственици, на оние кои ја држат европската економија, кои дадоа оцена нула на перформансите на владата на Заев! Замислете, Меркел не сакала да даде датум и со тоа да им порача на другите држави аспиранти за членството во ЕУ терајте вие во криминогеност, во корупција, во скандали со распределба на државниот буџет, во даночна евазија, во партизација на администрацијата, а ние ќе ви дадеме датум! За жал, македонските граѓани изгубија уште една година со Заев“, нагласи Стоилковски.
Наспроти тоа, за владејачката гарнитура, неодамнешниот позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, заедно со препораката за итен старт на преговорите, е потврда дека многу добро сме ја сработиле домашната задача во однос на спроведувањето на европските директиви за почеток на преговорите. Според владејачките партии, сега на потег се земјите членки на ЕУ кои треба да донесат одлука што ќе ги валоризира сите потези што беа направени во изминатата година, меѓу кои и затворањето на билатералните спорови со соседите.
Реконструкцијата на Владата ќе почека
Иако нe е исклучена смена на кадри во третиот ешалон во наредниот период, реконструкцијата на Владата засега е ставена на чекање. Во петокот до доцна попладне во парламентот, според наши информации, се чекаше дали во недела ќе биде закажана седница за избор на неколку нови министри, за што предлог требаше да поднесе премиерот Зоран Заев. Дека ќе нема седница за реконструкција стана јасно по изјавата на Заев во која тој најави можно враќање на мандатот за состав на влада доколку летово нема датум за преговори.
Во меѓувреме, три министерски места во Владата, практично, се празни. Станува збор за новото министерство за политички систем, каде што, како што се најавуваше, требаше да ротира досегашниот министер за животна средина Садула Дураки. Формално, не е разрешен сè уште ниту вицепремиерот за Рамковен договор Хазби Лика, иако овој владин Секретаријат, по сила на закон, требаше да престане да функционира на први овој месец. Но одлуката за разрешување на министер (Лика е избран како министер без ресор, кој потоа е назначен за вицепремиер) треба да ја потврди парламентот.
Исто така, помина повеќе од еден месец од оставката на министерот за култура Асаф Адеми, за чие место Алтернатива требало да предложи ново име, со оглед на информациите дека коалициските партнери се договориле да ги задржат истите ресори при реконструкцијата. Љупчо Николовски, пак, се уште ја извршува министерската функција во земјоделство, иако најави оставка кога беше именуван за генерален секретар на СДСМ, затоа што партискиот статут не дозволува споивост со функција во извршната власт. Како можен нов министер се споменуваше Гоце Георгиевски од кабинетот на досегашниот министер Николовски, задолжен за програмирање на мерки за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Станува збор за позиција, што би морала да се пополни и во случај на предвремени избори, со оглед на тоа што Министерството за земјоделство е еден од ресорите во кои е предвидено опозицијата да именува заменик-министер во преодната влада.
Од друга страна, Николовски е моментно ангажиран на внатрепартиски консултации за пополнување на испразнетите функции во СДСМ, по разрешувањето на речиси целото раководство и на сите раководства на локално ниво. Доскорешниот потпретседател на СДСМ – скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави вчера дека во партијата се во тек консултации и дека кога ќе созреат состојбите ќе биде закажана седница на централниот одбор. Тогаш ќе бидат донесени и одлуките за пополнување на испразнетите партиски функции.(А.М.М.)