Со ембарго на ЕУ или не – Германија ќе престане да увезува руска нафта до крајот на годинава

Германија веќе бара алтернативни снабдувачи на нафта и таа потрага ѝ оди добро


Берлин бара решение како да најде суровини за рафинеријата во градот Швед, која работеше на руска нафта

 

Германија планира да го прекине увозот на руска нафта до крајот на 2022 година, дури и ако ЕУ не успее да се договори за ембарго на нафта. За ова пишува Блумберг, повикувајќи се на извори во германската влада.

Според нив, процесот на затворање зделки со алтернативни добавувачи оди добро, а Берлин очекува да ги реши преостанатите логистички проблеми во следните шест до седум месеци.

Меѓу овие проблеми е потрагата по алтернативни извори на суровини за голема нафтена рафинерија во градот Швед на североисточниот дел на земјата, која го снабдува берлинскиот аеродром со гориво.

Од почетокот на војната во Украина, Германија веќе го намали уделот на сурова нафта увезена од Русија од 35% на 12%. Берлин не ги открива алтернативни извори на суровини.

Воведувањето ембарго на руската нафта до крајот на 2022 година беше дел од шестиот пакет санкции на ЕУ, што шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, официјално го објави на 4 мај.

Според неофицијални податоци, Германија првично се спротивстави на ембаргото, но на крајот одлучи да го поддржи. Сепак, Унгарија јавно одби да ја поддржи забраната за увоз на руска нафта.

Според Блумберг, Европската комисија ѝ понудила на Унгарија, како и на Словачка и Чешка (сите три земји во голема мера зависат од руската нафта), одложување на ембаргото. Унгарскиот премиер Виктор Орбан предложи да се разговара за ембаргото на самитот на лидерите на ЕУ што ќе се одржи на крајот на мај.