Со Бас рапид системот Скопје ќе види и двојно зглобни автобуси (видео)


Фото: Б. Грданоски

Бас рапид транспорт системот, кој Град Скопје планира да го воведе, треба да овозможи брз превоз на патници од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

За постигнување на таа цел, во Скопје треба да се изгради трасата за БРТ системот, со 23 станици, вклучително и двата терминали на крајните точки, а автобусите ќе сообраќаат на секои три минути.

Според професорот Никола Крстаноски сообраќајниот експерт за БРТ, од Универзитетот во Битола, ако има потреба на линијата на овој нов транспортен систем може да сообраќаат и двојно зглобни автобуси кои имаат капацитет за пренос до 270 патници одеднаш.

Фото: Б. Грданоски

Тој појасни дека симулацијата која денеска беше прикажана прад новинарите е направена во согласност со Центарот за управување со сообраќај, така што сосема изводливо е автобуси да сообраќат на секои три до четири минути.

– Скопје има голем проблем со јавниот градски превоз. БРТ не е многу познат кај нас. Накратко би рекол дека воопшто нема врска со регуларниот автобуски систем. Туку овој систем се одликува со физички одвоена траса, со станици од затворен тип, со приоритет за сигнализирани крстосници, со брз дигитализиран систем на наплата, авејл систем и систем за информации за патници во реално време. Токму овие својства го прават БРТ поинаков, кој скоро е идентичен со брзите трамваи, но и со метро системот – рече Крстаноски.

Фото: Б. Грданоски

Физичката издвоеност на трасата се прави со зелен појас на 82 отсто од нејзината должина, во централниот дел околу 400 метра е пешачка зона и има неколку кратки делници, како „11 Октомври“, „ВМРО“, не е можно одвојување со зелен појас, па тоа се прави со сепаратори.

Станиците се од затворен тип. Наплатата се врши во самата станица со цел пократко задржување на возилата се постигнуваат поголеми брзини, а трасата се поминува од крај до крај за 30 минути.

Фото: Б. Грданоски

Станиците имаат претпростор каде се сместени автомати за билети, постои рампа, затоа што платформата е еднаква на висината на подот на воизлата. Се влегува преку капии, како метро-системите. По влезот во платениот дел од станицата има клупи, место за чекање, безжичен интернет и информации на дисплеи за пристигнување на автобусите. Постои и систем на затоврени врати, кога автобусот пристигнува се изедначуваат вратите за влез и излез. Просечно станиците се оддалечени 550 метри.

Фото: Б. Грданоски

-Важна особина која ја ценат корисниците е редовност и точност, а тоа се постигнува со приоритет на сигнализираните крстосници, преку системот „Утопија“ на Центарот за управување со сообраќај – рече Крстаноски.

Во делот на капацитетот изборот е на зглобни, еколошки автобуси, 20 возила на час (во интервал на 3 минути) со 180 патници на час, околу 3.600 патници на час, може да се превезуваат со овој систем. проектантите оделе и понатаму па предвиделе да може да се постават и двојно зглобни автобуси, долги по 25-26 метри, кои имаат капацитет од 270 патници, со што би се зголемил и бројот на превезени патници.

– Воведувањето на БРТ системот на брз автобуски превоз во Скопје е еден исклучително важен и голем историски чекор напред во урбаниот развој на градот. Целта на денешната презентација е да се обидеме да креираме јасна претстава за јавноста, пред се за граѓаните како главни актери во урбаната мобилност, за тоа што претставува БРТ системот и зошто го одбравме токму овој модел на јавен транспорт како најдобро, најбрзо, најбезбедно и најисплатливо решение за Скопје како главен и најголем град во нашата држава – рече пре презентацијата градоначалникот Петре Шилегов.

Фото: Б. Грданоски

Според помошник директорот на Европската банка за обнова и развој од Лондон, Ијан Џенингс, ЕБОР секоја година вложува 250 милиони евра во развој на градски транспортни системи.

– ЕБОР и Град Скопје веќе соработуваа при набавката на 33 нови МАН автобуси на гас, изработката на акцискиот план за зелен град, како и на Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз. Сега се радувам на соработката при воведувањето на БРТ во Скопје кој е еколошки проект, пристапен за сите граѓани. Ваков проект кој ќе го трансформира превозот во Скопје бара голема посветеност и соработка – рече Џенингс.

Овој проект ќе се реализира со кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој -ЕБОР. Проектот опфаќа воспоставување две линии, со коридори од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Прва треба да биде изградена трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче која е предвидено да биде во должина од 12,8 километри во една насока, а втората траса со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. 

Како што беше најавено, реализацијата на БРТ системот треба да биде завршена 2024-2025 година.(Б.Б.)