Со амнестијата Собранието ја игра улогата на суд, вели професорот Шкариќ

Предложениот закон за амнестија не е поради некоја рационалност, туку е од нужда. Во затворите нема место за нови криминалци. Но, од друга страна, Собранието преку овој закон игра улога на суд. И тоа суд кој суди по кратка постапка.
Вака професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, го оцени предложениот закон за амнестија од страна на Министерството за правда. Околу оваа тема Македонското пенолошко друштво денеска организираше конференција и Шкариќ беше еден од учесниците.
Според него, секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт.
„Практички, Собранието преку овој закон игра улога на суд. И тоа суд кој суди по кратка постапка. И веројатно без поголема поддршка. Сега имаме парадокс – судски постапки кои траат долго време, бидејќи тоа го бара правдата, некои траат и по 10 години, се води сметка обвинетиот да дојде до израз, да го каже своето мислење. Судијата размислува врз основа на докази каква пресуда да донесе. И одеднаш таа правосилна пресуда законот ја укинува па дури има намера и да ја избрише. Целиот тој судски труд паѓа во вода“, вели Шкариќ.
На прашањето од новинарите зошто криминалците да бидат ослободени, наместо да вршат некоја општествено корисна работа, професорот Шкариќ вели дека тоа „не само што е корисно, туку е и правнички исправно“.
Но… за да се направи тоа треба да се променат постојните закони. „Нема потреба за одредено кривично дело да се дава затвор од шест месеци. Подобро е тој криминалец да се искористи за одредена корисна работа, општествено корисна, се разбира, под надзор, отколку да оди во затвор. Но, за тоа треба да се променат законите“, оценува Шкариќ.
На дебатата професорот Шкариќ истакна дека имаме екстензивен приод кон амнестијата, затоа што досега сме имале седум амнестии, а сега се подготвува осмиот.
„ Првата амнестија е донесена во 1998 година. Претседателот Киро Глигоров беше шокиран од тој закон, кој беше предложен од политички прилини за да можат партиите ВМРО-ДПМНЕ и ДА да формираат коалиција со албанска партија. Но, тоа не треба да изненади, власта може чуда да прави, а ние секојдневно ги гледаме чудата. Една власт штом е суверена, над неа е само небото – рече Шкариќ.
Според него со амнестијата се менува суштината на судската пресуда, а од гледиште на уставното право пресудата е најцврстиот темел на правниот систем, најцврста точка на која се потпира владеењто на правото.
„ Процедурата, формата низ која се носи пресудата, посебно пресуда во повеќе степени, по природа на нештата е легитимна и најцврста и кон неа треба сите актери да се однесуваат со почит. А ваквото однесување кон донесените пресуди, самоволно однесување, е уривање на правниот поредок. И тоа е мојата главна теза на која го темелам мојот однос кон амнестијата. Втората амнестија во 2002 година премногу го рашири фронтот. Професорот Марјановиќ таа амнестија ја има оценето како бланко-меница. Секој учесник во конфликтот во 2001 година независно какви кривично дело сторил имаше можност да ја потпише меницата и да биде ослободен од кривичната одоворност. Таа амнестија е изнудена, но прашање е дали во таков обем? Јас мислам дека обемот беше преширок и дека ниеден меѓународен субјект, вклучувајќи ги и тогашните поддржувачи на ОНА не би имале аргументи да се спротистават на одредени кривични дела што се направени за време на тој конфликт и од едната и од другата страна. Но, таков широк приод кон амнестијата не верувам дека може да се повтори. Овој сегашен приод, законот што сега се нуди, е покорентен и порестриктивен и се гледа дека авторите ги консултирале учебниците и тоа е добро. Амнестијата ја врзува за одреден број на кривични дела и за одредено ниво на казна, што се двата критериуми за амнестија. Но, кога се поставува прашањето на бришење на пресудата, за мене тој термин е доста артилериски, воинствен и тежок“ – рече професорот Шкариќ.
Според него, амнестијата за прекршителите на ковид-мерките е праведна, бидејќи амнестираните направиле кривични дела кои веќе престанале да важат законите, но другите амнестии се неправда и користат за уривање на системот.