Со амин на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ изгласана продажбата на Мауцкер во Охрид
Партијата Левица обвини дека на денешната седница на советот на општина Охрид, со кршење на Деловникот за работа и насилнички била изгласана Програмата за оттуѓување на градежно земјиште со, како што велат, гласовите на новата коалиција од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
-Претседателот на Советот, Сашо Донев, не дозволи стручните лица да се обратат на седницата и да го презентираат енормното културно значење кое го има оваа зона, околу која се наоѓаат неколку археолошки локалитети.Дополнително, Донев во стилот на Талат Џафери, не дозволи поединечно образложение на 80-те амандмани кои ги поднесе советничката од Левица, Виолета Аврамоска и директно го прекрши деловникот за работа на Советот.На гласањето претходеше тензична расправа, каде присутните археолози повторно потенцираа дека со оваа продажба, се заобиколува цел археолошки комплекс и се затвора пристапот до ова светско културно наследство.
Потсетуваме дека ДПМНЕ во опозиција поднесуваше претставка до Антикорупциска комисија за спорните парцели во зоната Мауцкер, кои ги доби советникот од ДУИ со криминално минато, Нефи Усени. Денес јавноста беше сведок дека кога се работи за коруптивни зделки и тесно партиски интереси, коалицијата ДПМНЕ и ДУИ беспрекорно функционира – а на штета на македонското културно и историско богатство.
Од СДСМ пак објавија дека пропаднала намерата на локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ да се гради хотелски кимплекс на местото на касарната бидејќи по бурната реакција на охридската јавност и СДСМ, поради наводна техничка грешка оваа парцела е тргната од планот за отуѓување.
-Повлекувањето на оваа парцела од планот за отуѓување е победа на сите охриѓани и вљубеници во Охрид, на сите оние кои сакаат Охрид да диши затоа што комплексот Касарна со својата вегетација е белите дробови на Охрид и никој без разлика на политичка определба не смее да се дозволи овој зелен појас да стане бетон. Ова место треба да зеленее и да се исполни со она што е потребно за охриѓани, а тоа се паркови, спортски игралишта, место за одмор и рекреација, не само за охриѓани туку и за сите посетители на Охрид. Затоа не смее да прерасне во стамбен или хотелски комплекс.Бараме предходно предвидените средства за овој простор кои се предвидени и впрочем веќе легнати во општинската каса да ги искористите наменски и навремено, порачаа од СДСМ.