Снежно невреме предизвикува хаос во повеќето балкански земји


Снегот проследен со силни ветрови предизвика хаос во речиси сите земји на Балканот, од каде известуваат за колапс во сообраќајот и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Во Србија, снежните врнежи создадоа хаос на патиштата, поради што властите апелираат до возачите да бидат внимателни. Активирани се метеоаларми низ целата земја, а во одредени делови истовремено се издадени три предупредувања.

Црногорското приморје денеска беше погодено од силен јужен ветер и дожд, а во Херцег Нови големи бранови го поплавија шеталиштето. Подгоричкиот портал „Дан“ објави фотографии од читатели со коментар дека ова е изненадување за гостите на градот, но не и за локалното население кое е навикнато на вакви сцени. Брановите претставуваат предизвик за минувачите покрај брегот.

Поради најавеното невреме, во Црна Гора е активиран црвен метеоаларм.

Во Федерацијата БиХ снегот предизвикува проблеми, особено на западот и југозападот, каде што поради ниските температури се предупредува на појава на мраз на коловозите. Во Херцеговина, силните ветрови и дождот го отежнуваат сообраќајот, а слична состојба е и во другите делови на БиХ.

Во Бихаќ, силниот ветер направи големи проблеми – освен што предизвика штета на новоизградената спортска сала, го урна и покривот на едно средно училиште. Засега нема информации за повредени лица. Ветрот исто така урна дрвја кои паднаа врз паркирани автомобили.

Во Бања Лука и низ поголемиот дел од Република Српска, снегот предизвика сообраќајни проблеми поради нерасчистените патишта и бројни дефекти на електроенергетските системи. Од Градската управа на Бања Лука информираат дека сите екипи за зимска служба се на терен.

Проблеми со врнежите има и во населените места како Пријечани, каде што се излеале отпадните води. Некои автобуски линии не сообраќаат, а населбата Долна Кола остана без струја. Интензивен снег паѓа и во селата околу Поткозарје, Градишка и Лакташи, каде што некои патишта се едвај проодни, пренесува Блиц.

Жителите од овие краишта велат дека снегот за празникот Свети Архангел Михаил (21 ноември) последен пат паднал пред 25 години.

Во делови од Хрватска, снегот и силните ветрови предизвикаа блокада на патиштата и прекини во снабдувањето со струја. Во Шибеник, плимата поплави улици и кафулиња. Снег паѓа во Горски котар, Лика и делови од копнената Хрватска, вклучувајќи го Загорје, Меѓимурје и Славонија. На Јадранот, силниот ветер урива дрвја и телефонски столбови.

Во Горски котар и Лика, моментално нема достапни патни правци од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра за товарни возила со приколки и возила без зимска опрема. Во прекин се и дел од катамаранските линии, додека во Шибеник, плимата поплавува сообраќајници и кафулиња.