Снегот пристигна на Маврово и на Шапка (фото/видео)
Студениот бран ја зафати Македонија, на планините локално се очекува снежна покривка дури од над 50/60 сантиметри

Падна првиот снег во земјава. Маврово и Попова Шапка утрово се под снежна покривка.
Од видеокамерите на Шапка, може да се види белата покривка на планината. По социјалните медиуми се споделуваат и фотографии од снегот кој паѓа во Маврови Анови.
Студениот бран ја зафати Македонија, на планините локално се очекува снежна покривка дури од над 50/60 сантиметри, а повремен снег ќе има и во дел од повисоките градови во западните и во северните предели од нашата Македонија.
Ќе дува повремено засилен ветер од северен правец.
Повисоките население места во Дебарксо под снег
По дождот, кој се уште врне во пониските делови од дебарскиот поширок регион, забележани се првите снежни врнежи во повисоките населени места, како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа, во селото Татар Елевци над градот, како и во Маврово.
Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но, се препорачува внимателно возење поради влажни коловози и помали, но, чести одрони, поради што се препорачува внимателно возење.
-На патните правци под наша надлежност има помали, но, чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, потврдуваат од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.
Додаваат дека целосно се подготвени да одговорат на секоја потреба иако зимскиот распоред на работа почнува на 5 ноември.
Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.
Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ на Хидроелектраната „Шпилје“.
Значителен пад на температурата
Според најавата на УХМР, од денес до утре под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, локално пообилни. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 l/m², а локално и над 50 l/m².
На повисоките планини ќе се формира снежна покривка. Температурата на воздухот значително ќе опадне.