Сместувањето на Јадранот ова лето ќе биде поскапо од било кога


Одморот на Јадранот летово би можел да биде поскап од кога било – веќе се најавува дека цените на приватното сместување во просек ќе бидат повисоки за 30 отсто.

Стан кој лани во шпицот на сезоната беше 60 евра, годинава ќе биде околу 80 евра, пренесува Дневник.хр. За десетдневен престој на Јадранот, значи, само за сместување ќе треба да се одвојат околу двесте евра повеќе.

А што е со вонпансионската понуда од која уште лани ги болеше главата локалните гости. Годинава изнајмувачите имаат уште поголеми очекувања од минатогодишната добро завршена сезона.

Дел од изнајмувачите сѐ уште чекаат да ги утврдат цените додека не видат што ќе биде по март со владиниот пакет помош поврзан пред се со цената на струјата.

„Последниве неколку години во Ровињ одмараме минимум три недели. Минатогодишната ноќ во шпицот на сезоната не чинеше 60 евра. Барав понуди од изнајмувачи за оваа година и цените се ненормални, дури и со подолг престој. Од 90 евра на пооддалечена локација до 140 евра. Најверојатно ќе ја смениме дестинацијата, но и Далмација не е многу подобра. Погледнав во Грција, цела куќа во шпицот на сезоната е 150 евра“, изјави соговорникот за Дневник.хр.

„Со оглед на севкупната ситуација, економска и социоекономска, би било реално да се зголемат цените на сместувањето за 15 до 20 проценти, но ако ги земеме сите давачки што се зголемени за приватните изнајмувачи; од таксата за престој, туристичката членарина и комуналните услуги на бројни дестинации, реалното поскапување на семејното сместување е околу 30 отсто“, објаснува за Дневник.хр Мирко Булиќ од Здружението на Хрватската заедница на семејно сместување.

Трендот, вели тој, е цените на овој вид сместување на светско ниво да пораснат за 15 до 25 проценти.

„Значи тоа нема да ни прави турбуленции, се надевам дека ќе бидеме пребукирани и дека ќе праќаме гости во Албанија и соседните земји“, додава Булиќ.

Досегашните повисоки цени се чини дека не влијаеле на резервациите. Згора на тоа, резервациите за сезоната се за 10 до 15 проценти подобри од минатата година во ова време, а за сето тоа придонесуваат и двете корона години, бидејќи луѓето сакаа да патуваат.

Глобалниот туристички сообраќај ќе порасне за 30 проценти во 2023 година, предвидуваат експертите, но и покрај тоа, тој сепак ќе остане под нивото пред пандемијата.

Хрватскиот туристички одбор објави зголемување од 5,2 отсто на ноќевањата во 2023 година, на околу 110,3 милиони ноќевања. Минатата година се достигнаа 96 отсто од ноќевањата од 2019 година, така што тоа би значело достигнување рекордни бројки.

Голем плус за домашниот туризам е влезот во Шенген зоната и еврозоната, што ја направи Хрватска уште подостапна и отворена за туристи од Европа.

За оние кои доаѓаат со автомобил, Хрватска и понатаму е главен избор, но претседателката на Здружението на семејни изнајмувачи на Хрватска, Барбара Марковиќ, смета дека цените би можеле да им се удрат од глава.

„Јасно е дека со инфлација и нови давачки за закупувачите, неминовен е пораст на цените. За жал, нашите цени се веќе многу повисоки од оние на нашите хрватски конкуренти; Грција, Шпанија, Португалија…

Нормален стан во Грција во екот на сезоната е 90 евра, а во центарот на Сплит годинава ноќевање во истиот стан ќе биде од 150 до 170 евра. Во ресторан во Грција најскапото шише вино во сезоната ќе платите 25 евра, а во Сплит 50 евра“, вели Марковиќ.

Сепак, и покрај тоа, сезоната во Хрватска се вели дека е веќе многу исполнета, а и претсезоната оди добро.

Каков совет би им дале на локалните гости кои бараат приватно сместување за летен одмор – како да поминат поевтино?

„Мојот главен совет би бил да избегнувате платформи и да се обидете лично да дојдете до сопственикот.

Овде домашните туристи на старт можат да заштедат 20 проценти, а ако е паметен станоиздавачот ќе му дадат уште 10 проценти“, рече Марковиќ и напомена дека за оние кои имаат можност секогаш е подобро пред и по сезоната кога цените за сместување се пониски.

Со ова се согласува и Булиќ, кој смета дека е потребно навреме да се прилагоди и да започне потрагата, односно да не се чека последен момент во ситуација кога веќе се знае дека пополнетоста е голема.

„Потрагата треба да се прилагоди на приходите. Нема да барам сместување во центарот на Ровињ, Задар или Опатија… Ако одите на 2 километри од центарот ќе добиете 20 отсто пониска цена, а 3 километри и 30 отсто“, вели Булиќ за Дневник.хр.

Смета дека цената на приватното сместување и понатаму е прифатлива за хрватскиот гостин, посочувајќи дека е зголемена и потрошувачката моќ на Хрватите бидејќи просечната плата е околу 1.000 евра, а вработеноста е висока.