„Смешни, и расипани сте, како Нушиќ да ве составувал“: Тони Михајловски за состојбата во културата

Актерот Тони Михајловски, упати остри критики за состојбата во културата. Реакцијата доаѓа откако вработените во културата останаа без плати за Велигден, а синдикатот протестираше и обвини дека надлежните се обидуваат да им ги скратат платите.
„Смешни, и расипани сте, како Нушиќ да ве составувал. Кога ќе се поткачите една скала над другите веднаш почнувате да серете врз нив. За пуста функција и преку трупови ќе газите. Заборавате кои сте биле и сите што ве знаат ги бришете од ‘живи’ за да ‘умре’ со нив и вашата вистина. Ама не умира пустата туку о.ц ‘како шило врти врти и ќе излезе на другата страна’ з.ц. Авторот на цитатот добро познат на ‘војводите’. А еве ја вистината“, напиша Тони Михајловски во објавата и додаде:
„Ја умревте културата. Ја распнавте и заковавте клинци и ја оставивте да умре. Симболично или не баш пред Велигден. Знаете што следува, нели. Таа ќе ‘воскресне’ и ќе ви покаже дека е поголема и побитна од сите вас во институциите оптан топтан. Се гледаме на ‘барикадите’ пошто на сцена не заслужувате да се гледаме, а реално и слабо одите у театар. Вечерва имаме претстава. Онаа популарната. Онаа што ‘министерот’ не ја гледал пошто била добра. Јаден он и јадна култура сосе туризам. Најверојатно ќе играме за да не ја изневериме публиката која платила карти а ние сеуште немаме плата. И најверојатно заради среќните робови кои се најголеми непријатели на Слободата“.
Михајловски, над три децении дел од македонскиот театар и филм, омилен водител на „Златна Бубамара на популарноста“, влезе во политиката како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2021 година беше кандидат за градоначалник за родното Куманово од таа партија на локалните избори.
Скопското обвинителство во октомври 2018 година поднесе обвинителен предлог против Михајловски, за сторено кривично дело Загрозување на сигурноста според член 144 став 4 од Кривичниот законик, поради заканата за убиство на новинарот Бранко Тричковски, објавена на Фејсбук. За ова дело е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна.
Михајловски, во мај, 2019 година, во Основниот суд Скопје 1 ја призна вината за јавната закана на својот фејсбук профил на 16 јуни 2017: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми боже“. Патем, на рочиштето, тој му се извини на новинарот Тричковски.
Заблагодарувајќи се при врачувањето на актерската награда „Петре Прличко“ за животно дело, лани, Тони Михајловски на сцената на Велешки театар рече дека ја очекувал подоцна во животот, но се извини и за сите негови излети вон сцената.
„Во годините што доаѓаат ќе ме гледате само на театар, телевизија, филм. Се извинувам за сите излети што во минатото сум ги направил надвор од сцената“, кажа Михајловски, алудирајќи на неговиот политички ангажман во времето на владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.