Службените возила и на општина Аеродром добија регистарски таблички во боја – Митески се пофали дека поминал 0 километри со службено возило


Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески денеска информира дека и пред официјално да се усвои новата мерка за ограничување на користењето на службените возила на општините, тој веќе го следел истиот принцип, односно дека сите обврски ги завршувал со велосипед или со приватен автомобил.

„Да се биде градоначалник е чест и привилегија, не начин за користење со добрата на општината. Делата, а не зборовите, се тоа што не дефинираат како поединци! Затоа, силно ја поддржувам оваа мерка на Владата“, истакна Митески.

Тој во фејсбук објавата посочи дека веднаш како општина ги имплементирале новите регистарски таблици.

Исто така, Митески вели дека ги охрабрува сите граѓани да пријават злоупотреба на службените возила на бројот 070 399 050.