Случајот со претседателка на ДКСК најматен настан за април


Кривичната пријава за тешки дела против општата сигурност за десет полициски службеници, предистрагата за дупката од 7,3 милиони евра во Агенцијата за одземен имот што ја откри Државниот завод за ревизија, како и случајот со пензионираните службеници од МВР обвинети за прикривање судски пресуди и нанесување штета од над 3,3 милиони денари, се во „бистрите“ настани во извештајот од Транспаренси Интернешнел-Македонија во врска со спроведената редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, наречена „Бистро-Матно“.

Во барометарот на корупција за април дел од „матните“ настани се случајот со претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска поврзан со предметот „Адитив“, измамите со земање брзи кредити, лажните извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице, како и неажурноста на судовите за минатата година.

-Обвинителството отвори предистрага за дупката од 7,3 милиони евра во Агенцијата за одземен имот што ја откри Државниот завод за ревизија. Недостасуваат 7 милиони евра во државниот буџет, кои од страна на Агенцијата за одземен имот не биле уплатени, а се од продаден имот стекнат на криминален начин. Овој имот е запленет со правосилни судски пресуди, зашто е стекнат со криминал и со него управува Агенцијата, која не смее да ги злоупотребува парите од неговото отуѓување.Во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) има утврдено многу неправилности во работењето на Агенцијата. Сите овие работи ќе ги испита Обвинителството – се наведува во соопштението од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Десет полициски службеници од Кочани и Штип добија кривични пријави за непостапување според мерките и прописите за заштита и неизвршување целосна проверка пред издавањето на лиценца за работа на кабарето „Пулс“ во Кочани, каде пред еден месец во трагичен пожар животите ги изгубија 61 лице. Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, пријавените до Министерството за економија тврделе дека објектот поседува елаборати за заштита од пожар и нема пречки за јавниот ред и мир и сообраќај.

-Службените лица овозможиле правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре „Пулс“ во Кочани на начин што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе.

Управител на скопска фирма затаил данок од над 12 милиони денари: Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава поради основи на сомнение за сторено кривично дело Даночно затајување по член 279 став 2 од КЗ. Пријавениот во својство на управител и сопственик на правно лице, свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правниот субјект, набавената трговска стока, неосновано ја присвоил и не ја евидентирал во сметководствената евиденција. Со намера да ги прикрие инкриминираните активности, се додава во соопштението, пријавениот не изготвил и не поднел Завршни сметки за 2021 година, 2022 година и 2023 година, до Управата за јавни приходи и до Централниот регистар на Република Северна Македонија со што не пресметал, не пријавил и не уплатил даноци по разни основи во вкупен износ од 12.079.019 денари, за кој износ го оштетил Буџетот на Република Северна Македонија.

Поднесена кривична против двајца стружани за затајување данок од над 5,6 милиони денари: Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струга, поднесе кривична пријава против две физички и едно правно лице поради основи на сомнение за сторено кривично дело Даночно затајување. Првопријавениот во сметководстваната евиденција ги евидентирал влезните фактури и креирал побарување за ДДВ кое го употребил за пребивање односно намалување на Обврските за ДДВ со што нанел штета на Буџетот на Република Северна Македонија по основ на ДДВ по пресметковна стапка од 15,2542% во износ од 5.632.920 денари“, информираат од Финансова полиција – соопштија од Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Во „бистрите“ настани е ставен и случајот со пензионирани службеници од МВР обвинети за прикривање судски пресуди и нанесување штета од над 3,3 милиони денари. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство – Скопје стои во соопштението, поднесе кривична пријава за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Првопријавената како службено лице во текот на 2021 и 2022 година не ја извршила својата службена должност на начин што не спровела правосилни пресуди на надлежен суд, со кои било одлучено за прекинување на договорите за вработување на две вработени лица и дозволила истите да продолжат да работат во Министерството за внатрешни работи.

Второпријавената во својство на овластено службено лице кога предметните пресуди пристигнале во Секторот со која таа раководела, не ги прочитала со внимание и ги предала да бидат заведени во Деловодникот на Секторот за правни работи и заштита на лични податоци, без притоа соодветно да реагира и да ги врати пресудите до првопријавената, со цел да бидат проследени до надлежниот Сектор за управување со човечки ресурси и обуки заради постапување.

Од максимум бодови за ДКСК, до осомничена за „Адитив“, претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на обвинет во предметот во делот на „матните настани“. Делото за кое се сомничи, го почнала само три месеци по нејзиниот избор.

Во време на висока недоверба во судството, ДКСК важеше за своевидна светла точка во борбата против корупцијата. Новиот состав на оваа Комисија наследи такво реноме изградено од нејзиниот претходен состав. Сега, според оценката, состојбите како да се пред нов почеток, откако Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во рамките на постапката што се води за предметот „Адитив“ донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, од кои едно е претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, како третоосомничена. Трагите до неа стигнале како резултат на екстрахирани електронски докази обезбедени во досегашната постапка.

Друг случај во „матни“ настани, пишува Транспаренси, зеле мито, па изготвувале документација за наводни прегледи, контроли и извештаи за издавање инвалидска пензија и туѓа нега за лице – Поранешна докторка од Клиниката за уво, нос и грло во Скопје е во центарот на шемата. Како што соопштија институциите, таа формирала две криминални групи кои добивале мито, а за возврат лажирале медицинска документација и ги воделе постапките за обезбедување на социјалните права. Во шемата влезени биле лекари од Уво, нос и грло, Неврологија, ЈЗУ општа болница Велес, Психијатрија, но и вешто лице, членови на Комисијата за оцена на работна способност, адвокат, но и други службеници. Постапките за остварување на право на туѓа нега оделе преку Велес. Барателите давале мито кај матични доктори од овој град. Без воопшто да се појават на лекар биле креирани и издавани документи за фиктивни упати, прегледи, отпусни листи, медицински извештаи, контроли, психолошки тестови, конзилијарни мислења, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација.

Тешка измама со брзи кредити, се посочува во соопштението,: 43 луѓе фалсификувале лични податоци на граѓани, а во тоа им помагал вработен во ФЗО – Дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име зеле кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства.

-Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно ЕЗБО број кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот“ се наведува во соопштението.

Ваквите лажни податоци лицата ги користеле за да подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што прибавувале значителна имотна корист. Потоа парите ги извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените организатори на вакви измами – објави Транспаренси Интернешнл-Македонија.

Директорот на Геријатрија 20.000 евра поткуп за да смести неподвижно лице, е другиот случај во „матните“ настани. Заедно со посредник директорот на болницата за геријатрија, Мухсин Арифи, барал и примил поткуп за сместување на болно и неподвижно лице во геријатриска установа. МВР со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопштија дека поткупот бил во износ од 20.000 евра.

Транспаренси Интернешнл-Македонија во барометарот за април го наведува и уапсениот инспектор од личното обезбедување на Мицкоски сакал да продаде тајни документи за 50.000 евра. Осомничениот Ангел Самараков, самостоен инспектор припадник на Единицата за лично обезбедување на премиерот Христијан Мицкоски, бил фатен на паркинг пред хотел во Велес при обид да продаде тајни документи за 50.000 евра, соопшти Јавното обвинителство. „Осомничениот како службено лице, вечерта на 30.3.2025 година на паркинг просторот пред хотел во Велес се сретнал со неповикано лице – сведок во постапката и му покажал службени документи на МВР, што претставуваат службена тајна. Притоа му дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува.

На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите“, соопштија од обвинителството.

 – Скоро половина од судовите од државата лани биле неажурни, односно од 34 судови ажурни биле 18, а неажурни се 16 од кои три се апелациски, 12 основни и Вишиот управен суд. Ова, потсетуваат од Транспаренси, беше соопштено на седница на Судскиот совет на кој се разгледуваше извештајот за работата на судовите за 2024 година. Според известителот Павлина Црвенковска, судовите во државата мината година ја почнале со нерешени 131.005 предмети, а примиле за работа нови 569.958 предмети, односно вкупно за работа имаме 700.739 предмети. Од нив успеале да решат 566.010, а не решиле 134.729 предмети.

-Судовите лани не успеале да го совладаат приливот на предмети и ги зголемиле заостанатите предмети за 3.724 предмети, истакна Црвенковска. Во „матните“ настани за април е случајот во кој ревизорите констатирале неправилности и системски слабости во работата на гостиварскиот Основен суд . Според наодите, во судот недостасуваат одредби за утврдување на платите на вработените кои вршат технички и помошни работи; Различни услови за пополнување на едно работно место во прописите по кои работат судовите, што, смета, предизвикува дилеми и неможност за постапување, како и дека не е пропишана формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити и има неусогласеност во законската и подзаконската регулатива во дефинирањето на сопственоста на застарените депонирани предмети по истекот на десет години од нивното предавање; Констатирале и отсуство на документација со која ќе се потврди правото на сопственост или користење на недвижниот имот.

 Системски слабости и неправилности во Бирото за развој на образованието :Повеќе од 5 години на раководна позиција, но како .в.д директор, непрецизност во начинот на пресметка на надоместоците на надворешните соработници, недостаток на финансиски средства за обуки на наставници во основно и средно образование – ова се дел од системските слабости во работата на Бирото за развој на образованието утврдени во новиот ревизорски извештај. Во текот на 2023 година, со Бирото раководеле двајца директори кои не биле именувани по објавен јавен оглас, додека претходниот директор со институцијата раководел повеќе од 5 години. Државна ревизија открива слабости во договорените јавно-приватни партнерства – Малку резултати за многу пари – ревизијата на проектите со јавно-приватно партнерство од 2017-та до лани покажува слабости во законите, институциите и договарањето. Утврдени се вкупно 68 договори, но ревизорите велат дека бројката можеби е поголема поради лошо водена евиденција. Од 25 анализирани постапки, државата наплатила околу еден и пол милиони евра, додека приватните партнери добиле 3 милиони евра. Приватниот сектор инвестирал вкупно 37 милиони евра, но придонесот на државата не може да се мери парично бидејќи се состои од дозволи, земјиште и објекти. Не сите договори биле добро напишани. Еден бил склучен на 96 години, а законскиот лимит е 35. Во некои случаи и државата морала да плати казни. „Во тек се судски постапки во кои јавен партнер се јавува како тужена страна за долг од приближно 3,9 милиони евра“.