Случајот со „белото“ на директорот на Неврологија откри нови проблеми во здравството
Скандалозното видео ги извади и на пред план прашањата како биле лечени пциентите од докторот кој консумирал дрога и дали можеби ќе му биде одземена лиценцата

Видеото како директорот на Клиниката за неврологија, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, расправа како е најдобро да се конзумира кокаин и при тоа умешно го подготвува „белото“ за конзумирање откри и дополнителни проблеми во здравството – дали дали пациентите биле лекувани на соодветен начин ако нивниот доктор евентуално бил под наркотични средства.
Министерот за здравство, Азир Алиу, веднаш го разреши директорот Игор Кузмановски, но прашање е дали неговата смена е доволен чекор.
Во јавноста има остри реакции по објавувањето на ова видео и може дополнително да биде поткопана довербата во јавното здравство.
Опозициската СДСМ денеска изјави дека овој случај е мега скандал и дека не е доволно неговото разрешување.
„Мора да има кривична одговорност, темелна истрага на целокупната негова работа, бидејќи за здравството се работи и за здравјето на чуѓето.
Ако лице што управува со здравствена установа користело дрога, тоа отвора прашање како тоа влијаело врз неговите одлуки како директор, врз здравјето на пациентите, врз безбедноста и функционирањето на системот на клиниката!
Сите надлежни институции мора веднаш да го повикаат на распит и да го преиспитаат целото негово работење: сите тендери, одлуки, финансиски трансакции и кадровски именувања во времето кога тој раководел со клиниката“, вели партијата во соопштение и нагласува дека мора да има одговорност без оглед дали тој бил близок со премиерот Христијан Мицкоски.
СДСМ бара министерот за здравство да се обрати до Лекарската комора и додека трае истрагата да му биде одземена лиценцата за работа.
„Фрапирачки е како Мицкоски молчи за овој случај. Но едно е јасно, додека неговите директори се фатени до дрога, Мицкоски не може да зборува за морал ниту за вредности“, велат од СДСМ.
Денеска, на новинарско прашање за скандалот на Кузмановски претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја повика Лекарската комора да реагира:
„Сметам дека треба да реагира Лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Тоа е многу сериозно прашање, можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некоја таква состојба. Не треба да прејудицираме, но ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на Комората“, рече Филипче.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, каде Кузмановски држеше прес-конференции како нивен кадар, ја поддржаа одлуката на министерот Алиу и ги повикаа институциите да постапат согласно законот и утврдените процедури.
Синоќа се јави и самиот доктор Игор Кузмановски кој на Фејсбук изрази длабоко каење потврдувајќи ја вистиноста на снимката и фактот дека конзумирал дрога.
„Во врска со објавите на социјалните мрежи, изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето преземање на менаџирањето на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример“, рече Кузмановски.
Тој додаде дека секој човек прави грешки, но важно е да се извлече поука.
„По ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови“, додаде тој, но нагласи дека ќе продолжел да работи како доктор.
„Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам — да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата“, истакна Кузмановски.