Случај „Крмзов“: Обвинетите се изјаснија за невини
Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и останатите деветмина обвинети денеска пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар. Ова следува откако на претходното рочиште обвинителката Верица Бержецка Крстева го образложи обвинението, тврдејќи дека станува збор за испреплетена мрежа од компании кои преку фиктивни фактури го оштетиле државниот буџет.
Одбраната, претставена преку адвокатот Ване Андреев, во воведните зборови истакна дека обвинителниот акт е неоснован и контрадикторен во делот на даночната евиденција.
„Одбраната ќе докаже дека сите договори за купопродажба на деловните простории за кои правните лица доставуваат фактури се уредно книжени во сметководствената евиденција како даночни обврзници. На истиот е уредно пријавен и платен ДДВ“, изјави Андреев.
Адвокатите тврдат дека нивното вештаење ќе докаже оти немало фиктивен промет, туку напротив – промети со зголемена цена на кои е платен данок на добивка.
Дополнително, одбраната укажа на лошата здравствена состојба на првообвинетиот Крмзов. Иако Обвинителството забележа дека досега не е доставена официјална медицинска документација за преиначување на притворот, судијата Илија Трпков одлучи рочиштата да бидат пократки од вообичаено за да се заштити здравјето на обвинетиот.