Словенечките синдикати од јавниот сектор се заканија со штрајк доколку владата не ги зголеми платите


Словенечките синдикати на работниците од јавниот сектор се заканија со штрајк доколку владата до следната недела не одговори на нивните барања за зголемување на платите.

На прес-конференција денеска  Бранимир Штрукељ и Јакоб Почивавшек, кои ги претставуваат овие синдикати во преговорите со Владата, соопштија дека се уште не добиле одговори на нивните предлози, а тоа очекуваат да биде сторено  најдоцна до вторник.

Во спротивно, синдикалците најавија дека ќе организираат гласање за членство за почнување штрајк.

Синдикатите на вработените во јавниот сектор се иритирани од одлуката на владата на Јанез Јанша која со посебен закон и во договор со лекарскиот синдикат изгласа повисоки плати за околу 7.000 лекари во јавното здравство.

Со законот, потврден на крајот на 2021 година,  на лекарите им се гарантира унапредување за шест платни класи во инаку унифицираниот систем на плати за јавниот сектор, што практично значи дека платите би се зголемиле за речиси 25 отсто. Нивниот синдикат Фидес со години бара платите на лекарите да бидат исклучени од системот на плати во јавниот сектор бидејќи сметаат дека тие се недоволно платени.

Според достапните податоци што ги пренесуваат словенечките медиуми, околу седум отсто од 7.000 лекари вработени во јавното здравство досега биле рангирани во најниската можна 43-та платна класа за државните службеници, со плата од околу 2020 евра бруто. Од друга страна, дури и секој трет лекар во јавното здравство е рангиран во највисоката 57-ма платна класа со бруто основица од околу 4.000 евра, додека со зголемување од шест платни класи тие би имале плата од околу 5.000 евра бруто.

На одлуката на синдикатот прво реагираа од синдикатот на вработените во социјалните установи и здравството, кои изјавија дека се разочарани што владата ги запоставила, а побараа и зголемување на платите за шест платни класи, а најавија предупредувачки штрајк на 16 февруари.

Одговарајќи на барањата на другите синдикати за зголемување на платите, министерот за јавна администрација Боштјан Коритник денеска кажа дека не може да ги прејудицира работите, но рече дека тие би биле неодржливи за планираните јавни финансии бидејќи ќе ја зголемат јавната потрошувачка за милијарда евра.