Словенечката полиција користела гумени куршуми против демонстрантите, првпат од 1991 година


Полицијата во Љубљана денеска соопшти дека за време на протестите минатиот четврток, користеле гумени куршуми, кои најчесто се во употреба за растурање такви собири.

За време на тие протести беа повредени 15 полицајци, од кои петмина побараа медицинска помош, а началникот на полицијата Станислав Вречер истакна дека употребата на сила против демонстрантите била пропорционална, пренесува СТА.

Во полициското соопштение се вели дека гумени куршуми биле користени против демонстранти по првпат од 1991 година. Се додава дека биле испукани 16 димни бомби и пет гумени куршуми затоа што толпата не ги почитувала полициските наредби да престанат да фрлаат гранитни коцки и други опасни предмети и пиротехнички средства кон полицајците.