Словачките училишта, но и судовите, повторно под закана за бомби


Училиштата и судовите низ Словачка денеска добија дојави за поставени бомби и мини, објавија словачките власти.

Училиштата добиле заканувачка електронска пошта во која пишувало дека во нивните простории биле поставени нагазни мини, пренесува Таср.

Закани за бомби се испратени до судовите низ целата земја, изјави денеска за словачка новинска агенција портпаролката на регионалната полиција во Нитра, Јана Шинкова.
Заканите биле упатени со јавување на итниот број 112, а полицијата веднаш започнала истрага.

На загрозените локации се распоредени патроли, експерти за експлозиви и кучиња трагачи.
Полицијата на Фејсбук објави дека ги презема сите неопходни мерки во соработка со загрозените училишта, додавајќи дека е во близок контакт со други безбедносни сили и странски партнери, меѓу кои и чешката полиција.

„Наша заедничка цел е пред сѐ безбедноста на децата во училиштата, но и најмало можно нарушување на текот на наставата. Затоа имаме индивидуален пристап кон безбедносните мерки во секое училиште“, се наведува во соопштението.

Во расветлувањето на овој случај, кој се третира како терористички напад, вклучена е и полициската служба за борба против организираниот криминал.

Околу 270 основни училишта низ Словачка вчера добија дојава за бомба.

Полицијата не пронашла експлозив во училишните простории, па учениците по проверката можеле да се вратат во училниците.