Словачка во последен момент се откажа од блокирањето на санкциите на ЕУ против Русија


Словачка во последен момент се откажа од своето противење на обновувањето на санкциите на Европската Унија против руските правни и физички лица, соопштија денеска дипломатски извори.

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ денеска започнаа писмена постапка за продолжување на санкциите за над 2.700 правни и физички лица одговорни за помагање на војната на Русија против Украина, наведуваат извори од ЕУ.

Списокот на санкционирани правни и физички лица од 2014 година досега порасна на над 2.700 имиња и мора да се обновува на секои шест месеци. Без одлука за продолжување, „црната листа“ ќе престане да важи од недела, 15 март.

Словачка побара две имиња да бидат отстранети од санкционираната листа: Алишер Усманов, руски милијардер, и Михаило Фридман, еден од основачите на финансиската групација Алфа. Во спротивно, Братислава се закани со вето за обновување на санкциите, објаснуваат француските медиуми.

Словачка конечно одлучи да се откаже од тоа барање, нагласи дипломатскиот извор.

Одлуката на ЕУ беше донесена во последен момент бидејќи, покрај Словачка, и Унгарија побара да се отстранат некои руски олигарси од листата./МИА