Словачка и Чешка: Не се точни информациите дека некој од Македонија влијаел на нашите одлуки за вето 


Амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш и заменик-амбасадорот на Чешка, Лубомир Пшенка, во заедничка изјава велат дека не постои ентитет од Северна Македонија што влијаел на одлуките на Братислава и Прага да ги блокираат предлог-заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето. Иако директно не се споменува никој јасно е дека тоа се однесува на изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, дека неговата партија имала клучен придонес во ветото на Чешка и Словачка на текстот на заклучоците за проширување на ЕУ. 

„За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братислава поврзани со процесите во самата ЕУ. Ниту чешката, ниту словачката дипломатија се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои можеле да влијаат на процесот на донесување одлуки во Прага и во Братислава“, велат во изјавата словачкиот амбасадор и заменик амбасадорот на Чешка.

Минатата сабота Александар Николоски, тврдеше дека нивната партиска активност во Вишеградската група придонела за блокадата на заклучоците, имала големо влијание во Чешка и Словачка, и при тоа изнесе неколку лажни вести.

Зборувајќи во емисијата „Стадион“ на радиото Канал 77 тој изјави вака: „Постои една група во ЕУ која се вика Вишеград 4, во која што учествуваат Чешка, Унгарија, Словачка и Полска. Во четирите влади ние имаме големи пријатели, од тие влади, три припаѓаат на Европската народна партија (ЕПП), а четвртата припаѓа на европските конзервативци, коишто се подесно од Европската народна партија“.

Во продолжение на изјавата на амбасадорите, како што пренесува „360 степени“, се наведува дека Чешката Република и Словачка „по минатонеделниот ангажман во изготвувањето на заклучоците на Советот во однос на проширувањето, јасно ги соопштија околностите кои ги спречија да се согласат со предлог-заклучоците на Советот. Тоа беше сторено преку заедничка изјава на министрите за надворешни работи на Чешка и на Словачка“.

„За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и на Братислава поврзани со процесите во самата ЕУ“, се додава во изјавата.

Двајцата дипломатски претставници посочуваат дека ниту чешката ниту словачката дипломатија „не се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои би можеле да влијаат на процесот на донесување одлука во Прага и во Братислава“.

„Ако постоеле такви напори, таквите активности не стигнале до релевантните актери, односно до лицата што носат одлуки во Чешка и во Словачка. Одлуките на министрите Петричек и Корчок беа донесени без какво било влијание од ентитет од Северна Македонија“, се наведува во заедничката изјава на амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш и заменик-амбасадорот на Чешка, Лубомир Пшенка.