Од фабриката за лажни вести: ВМРО-ДПМНЕ си ја присвојува за себе блокадата од Чешка и Словачка


Фото: Б. Грданоски

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, тврди дека нивната активност придонела Прага и Братислава да ги блокираат заклучоците на ЕУ за проширувањето изнесувајќи редица лажни вести и погрешни факти

 

Љупчо Поповски

Македонската политика се претвори во вистинско лешинарство.

Додека власта внимателно молчи, од ВМРО-ДПМНЕ во спринт побрзаа да наведат дека тие дури и повеќе и од Прага и од Братислава биле заслужни за блокадата на заклучоците на ЕУ за проширувањето во кои се споменува озлогласената „историја“.

Денеска потпретседателот на партијата, Александар Николоски, тврдеше дека нивната активност во Вишеградската група придонела за блокадата на заклучоците, имала големо влијание во Чешка и Словачка, и при тоа изнесе неколку лажни вести.

Зборувајќи во емисијата „Стадион“ на радиото Канал 77 тој изјави вака: „Постои една група во ЕУ која се вика Вишеград 4, во која што учествуваат Чешка, Унгарија, Словачка и Полска. Во четирите влади ние имаме големи пријатели, од тие влади, три припаѓаат на Европската народна партија (ЕПП), а четвртата припаѓа на европските конзервативци, кои што се подесно од Европската народна партија“.

Или Николоски не знае или намерно манипулира затоа што фактите не се такви. Точно е дека партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан е дел од ЕПП, но со замрзнато членство уште од март 2019 година, и точно е дека партијата на словачкиот премиер Игор Матович, Обични луѓе и независни личности, е исто така е дел на ЕПП. Но лага е дека партијата на чешкиот премиер Андреј Бабиш, АНО, е дел од Европската народна партија, туку таа членува во европската парламентарна група Обнова на Европа, во која главни актери се партиите на францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте.

Исто така, Николоски имплицира дека чешката коалициска влада има барем еден член од ЕПП, што е исто така лага. Сегашната влада на Чешка има само два коалициски партнери – АНО и Чешката социјалдемократска партија. Чешкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек, е член на социјалдемократската партија и неговата ЧССД има блиски врски со СДСМ.

Потоа, партијата на словачкиот премиер Игор Матович e само еден партнер во четриричлената коалициска влада составена од конзервативни и либерални партии. А министерот за надворешни работи, Иван Корчок, во владата влезе како независен експерт со големо искуство во дипломатијата.

Николоски веројатно би требало да знае дека Вишеградската група од пред некоја година фактички е поделена на два дела – Вишеград 2 и Вишеград 2, затоа што Прага и Братислава веќе имаат малку заеднички точки, освен регионалните интереси, со  Будимпешта и Варшава, откако последниве две ги приграбија илибералните политики во своето владеење. Тоа најдобро се виде во неодамнешните тензични расправии околу буџетот на ЕУ за наредните седум години, кога Чешка и Словачка јасно се издвоија од нивните двајца други партнери и преку заедничко соопштение побараа владеењето на правото да биде услов при поделбата на парите од европскиот буџет. А унгарскиот премиер Орбан и полскиот Матеуш Моравјецки (неговата партија Право и правда е дел од групата Европски конзервативци и реформисти) настапија заедно во блокадата на европскиот буџет.  

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека партијата „таму има големи пријатели, почнувајќи со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, преку премиерот на Полска, Моравјецки…“, па уште дека четирите земји секогаш ги координирале настапите. Ако ги координирале, и особено ако ВМРО-ДПМНЕ ја координирал работата со владејачката партија во Унгарија, Фидес, тогаш зошто неодамна еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи (десната рака на Орбан во Брисел) изјави дека Македонија треба „да излезе во пресрет на бугарската загриженост и да се обиде да дојде до решение кое е целосно прифатливо за двете страни“. Зошто тогаш ВМРО-ДПМНЕ не излезе со свој став по ваквата изјава на Вархеи, како што тоа го направија повеќе македонски функционери.

И зошто унгарскиот министер за екологија на состанокот на Советот на ЕНВИ јавно не застанал зад неговите колеги од Словачка и Чешка и не рекол дека не ги одобрува зклучоците во кои е вметнато бугарското „погрешното толкување на историјата“ на кои инсистираше Бугарија, а ги предложи претседавачот Германија. Или откако на самитот на европските лидери помина буџетот а за условот владеењето на правото допрва треба да одлучува Европскиот суд, Будимпешта не треба да биде премногу против Берлин, кој го избоксува овој наводен „компромис“ најмногу поради огромните интереси на германската автомобилска индустрија во Унгарија и редицата нејзини фабрики таму.

И уште: „Сега сме во ситуација каде што Чешка и Словачка се поголеми патриоти од Зоран Заев“. Ова е класично извртување на тезите. Па, Македонија нема свој претставник на состаноците на амбасадорите на ЕУ за да може да се спротивстави на заклучоците на блокот, затоа што чекорот на Прага и Братислава во голема мерка беше мотивиран и од одлуката на бугарскиот парламент Кирил и Методиј да ги прогласи за бугарски просветители, а се знае огромното значење на тие двајца светци кои работеа за византискиот цар, за осамостојавањето на нивните општества во средновековието.

Ваквите колвања на македонското тело само ѝ наштетуваат на заедничката кауза на сите македонски граѓани. И после лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е навреден и зачуден што тој и неговата партија беа посочени во извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент како едни од главните актери за ширењето на лажни вести во Македонија.