Слободни места во вториот уписен рок за Скопје има само во „Корчагин“, сите други гимназии се пополнети


Слободни места за упис од гимназиите кои се наоѓаат на територија на Скопје и тоа за вториот уписен рок има само во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, околу 60 места. Од МОН објавија дека конкурсот за запишување ученици е завршен за гимназиско образование во „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“, „Георги Димиторв“ и „Орце Николов“.

Тестирање за упис во средно годинава има во две училишта во Македонија, објави Министерството за образование и наука (МОН) по објавувањето на ранг-листите по првото пријавување на учениците. Првото пријавување се реализира од 20 до 25 јуни, а на 26 беа објавени ранг-листите.

Денеска ќе има квалификациско тестирање во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Град Скопје, здравствена струка за образовните профили фармацевтски техничар, медицинска сестра и забен техничар на албански наставен јазик и во СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица, здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра, на македонски наставен јазик. Конечните ранг-листи со резултатите од полагањето, според МОН, ќе бидат објавени денеска.

Финалните ранг-листи покажуваат дека во првото пријавување се пријавиле 15.786 ученици, а се запишале 13.882. Според видот на образованието, во првото пријавување запишани се вкупно 4.316 ученици во гимназиско образование и 9.566 ученици во стручно образование.

Слободни места за второто пријавување има за вкупно 17.272 ученици. Во гимназиско образование има 4.878 слободни места, додека во стручно образование 12.394.

Ранг-листа на запишани ученици се објавува на 3 јули 2024 година на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница, до 09:00 часот.

Пријавувањето за упис во средно се одвива електронски, односно учениците треба да пополнат е-пријава. Потоа, сите документи треба да ги однесат во хартиена форма во училиштата.