Следните седмици во Грција се очекува зголемување на случаите на вирусот Западен Нил


Бројот на случаи на вирусот Западен Нил значително ги надмина бројките од претходните години за истиот период, а со оглед на тоа што кулминацијата најчесто е од средината на август до почетокот на септември, во следните седмици се очекува дополнително зголемување на бројот на случаи, информираа од Национална организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

По повод Светскиот ден против комарците (20 август), но и поради зголемениот број регистрирани случаи во земјата, од ЕОДИ препорачаа доследно преземање мерки за заштита од комарци.

Посочија дека досега се регистрирани случаи на инфекција во регионите Атика, Тесалија, северна и централна Грција и Пелопонез и додадоа дека особено во регионот Атика, „бројот на случаи во тековната сезона е значително зголемен во споредба со претходните години“.

Од Национална организација за јавно здравје на Грција потсетија дека е неопходна заштита од комарците со употреба на средства за заштита, мрежи, комарници, клима-уреди и вентилатори, како и соодветна облека и посочија дека не треба никаде да се остава застоена вода.

– Постарите лица и лицата со ослабен имунолошки систем и/или хронични заболувања се изложени на поголем ризик од развивање тешка форма на болеста и затоа треба особено доследно да се заштитуваат од комарци, додадоа од ЕОДИ.

Организацијата секоја седмица објавува неделен извештај со бројот на заразени, како и за општините во кои се регистрирани случаи, но нагласија дека сепак не може со сигурност да се предвиди во кои подрачја вирусот ќе се прошири во следниот период и затоа се препорачува „мерките за лична заштита од комарци да се применуваат на целата територија на земјата, во текот на целиот период на активност на комарците“.

Како што вчера објави МИА, во Грција досега се регистрирани 157 случаи на вирусот Западен Нил, а починаа 13 лица, додека пак само во изминатата седмица биле регистрирани 47 нови случаи

Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистрирани на почетокот на јули.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имаше во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок беше и бројот на починати лица вкупно 51.

Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.