Следната недела продолжува изградбата на „Есенинова“ – се чека дислокација на резервоарот


Фото: Б. Грданоски

Следната недела продолжува изградбата на улицата „Есенинова“ која треба да ги поврзе Чешма во Кисела Вода, до булеварот „Трета македонска бригада“ на влезот во Аеродром во Скопје.

Иако уште пред вториот круг на локалните избори поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов ја најавуваше како готова, улицата која е долга 730 метри, на средина има прекин односно не е доизградена, асфалтот не е споен, а причина за тоа биле имотно-правни спорови и дислокација на подземен резервоар за вода.

Фото: Б. Грданоски

„ Динамиката која беше планирана за работа на изградба на улица ‘Есенинова’, за жал, не се исполни поради повеќе причини. Една од причините се повеќето имотно-правни односи кои не биле решени пред почетокот со градежните активности. Во моментов можеме да кажаме дека работите се во завршна фаза, т.е единствената пречка за завршување на проектот е дислокација на подземниот резервоар за вода (Тутунски комбинат) што е во фаза на тестирање и се очекува градежните работи на улицата да продолжат во текот на наредната недела“ – велат од градежната фирма „Бауер БГ“, која е изведувач на работите за „Независен весник“.

Фото: Б. Грданоски

Новоизградената улица „Есенинова“ е долга 730 метри, со променлива ширина, односно, има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во „Трета македонска бригада“. Поставено е улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа. Вредноста на изградбата на оваа улица е изнесува околу 71 милион денари со вклучен ДДВ.

Изградбата на оваа улица ја преоктираа и ја најавуваа градоначалници во повеќе мандати и на Кисела Вода и на Скопје, а нејзината изградба ја започна Петре Шилегов.

Од друга страна пак, кога ја прашавме градоначалничката Данела Арсовска кога оваа улица ќе биде пуштена во употреба, таа не знаеше да каже.

Фото: Б. Грданоски

„Немам информација кога точно ќе биде пуштена во употреба. Како што можете да видите, сето она што е во надлежност на Градот ќе биде реализирано со најбрза можна динамика со којашто може да се постапи“, рече Арсовска пред неколку недели.

Улицата „Есенинова“, која беше пробиена од Чешма во Кисела Вода, до булеварот „Трета македонска бригада“ на влезот во Аеродром, претставува трето поврзување на двете големи општини Кисела Вода и Аеродром.

Со новата улица се скратува движењето, не мора да се оди на крстосниците кај „Тутунски комбинат“ и метежот ќе се преполови. Ова служи за граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба, кон Рампа и Чешма во Кисела Вода и со тоа се избегнува тесното грло кај „Тутунски комбинат“.