Следната недела почнува чистењето на линданот од ОХИС

Линданот, со посебно поставена пруга ќе се носи до специјални контејнери, кои понатаму треба да ја однесат загадената почва до Франција, односно Холандија.


Фото: Б. Грданоски

Следната недела започнува чистењето на линданот од малата депонија во кругот на фабриката ОХИС, а загадената земја со специјални контејнери ќе биде пренесена во Франција и во Холандија, каде треба да се деконтаминира.

– Денеска сме сведоци на завршување на подготовките за започнување на процесот на чистење на линданот, едно повеќедецениска, жешка еколошка точка, во поранешната хемиска хабрика ОХИС. Изминатиот период беа безбедно отстранети и уништени огромни количини, на екстремно опасни хемикалии, кои со децении беа складирани во кругот на ОХИС. Владата обезбеди средства и посвети многу внимание на овој проблем кој претставувапе еколошка закана – рече премиерот Димитар Ковачевски, кој денеска заедно со министерот за животна средина Насер Нуредини и евроамбасадорот, Дејвид Гир беа во посета на загаденото место.

Со овој проект, Македонија направи крупни чекори во исполнувањето на обврските кон Стокхолмската конференција каде сме полноправна членка од нејзиното донесување во 2001 година.

Фото: Б. Грданоски

За реализација на овој проект воспаставена е соработка со меѓународната заедница на полето на управување со неразградливи, органски загадувачи.

Расчистен е теренот, поставени се сите механизации, а поставен е и заштитен балон кој нема да дозволи разнесување на штетните честички. Линданот, со посебно поставена пруга ќе се носи до специјални контејнери, кои понатаму треба да ја однесат загадената почва до Франција, односно Холандија.

Ковачевски најави дека со Министерството за животна средина работат на проект за расчистување на големата депонија на линдан во ОХИС, која е десет пати поголема од оваа што сега почнува да се чсити, како и за расчистување на живата од електролизата, која е депонирана во еден од погоните.

Фото: Б. Грданоски

За чистење на малата депонија воспоставена е соработка со Владата на Норвешка и со две агенции на Обединетите нации – Организацијата за индустриски развој УНИДО и Канцеларијата за проектни сулуги, УНОПС. Делегацијата на ЕУ во Македонија издвои 2,5 милиони евра од ИПА 3 програмата, конкретно за комплетирање на процесот за ремедијација на малата депонија.

– Ние ќе продолжиме со отстранувањето на историскиот опасен отпад, продолжуваме да работиме на мобилизирање на дополнителни средства како би се овозможило целосно чистење и на големата депонија тука во ОХИС, истакна Ниредини.

Министерот потсети дека на овој процес на ремедијација му претходеше еден комплексен, но истовремено успешен проект за отстранување на заостанатите залихи на опасни хемикалии што со децении беа собирани и складирани во кругот на ОХИС. За тој проект беа одвоени значителни средства од страна на Владата.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата Дејвид Гир изрази задоволство што имале можност да дадат свој придонес во износ од 2,5 милиони евра.

– Значи, ова е само еден пример од многуте проекти коишто ги поддржува ЕУ и коишто се поврзани со заштита на животната средина од деградација. Овде се справуваме со опасен отпад којшто предизвикува загадување на почвата. Исто така, обезбедуваме поддршка и во останатите делови од земјата пред се во однос на системите за управување со цврст отпад, пречистителни станици за отпадни води и за справување на проблемите со загадувањето на воздухот. И секако ги поддржуваме сите напори за изнаоѓање на нови начини за користење на обновлива енергија, нагласи Гир.

Проценетата вредност на чистење и уништување на линданот и останатите изомери од малата депонија изнесува приближно 9 милиони евра.

На расчистување на малата депонија ќе работат инженери од македонија, но и од странство, кои се опремени со целата портребна опрема за нивна најдобра заштита. 

Депониите на линдан во кругот на ОХИС датираат од 1975 година.