Следат промени во извршната власт. Независните може да им се приклучат на владејачките …

Хазби Лика од ДУИ е следниот член на кабинетот на Зоран Заев што се очекува да ја напушти Владата веќе следниот месец. Тоа би се случило набрзо по изборот на нов претседател на државата на 5 мај, доколку не се наметне потреба од одржување трет изборен круг, односно од прегласување на повеќе избирачки места две седмици подоцна.

Заминувањето на Лика од вицепремиерското место е предвидено со измените на законите за Влада и за организација на органите на државната управа, што Собранието ги донесе пред почетокот на кампањата, а кои стапуваат во сила на 1 јуни. Од тој датум треба да почне да функционира ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Со тоа, пак, престанува да функционира Секретаријатот за Рамковен договор, кој беше основан веднаш по парламентарните избори во 2002 година, односно по завршувањето на безбедносно-политичкиот конфликт во државата, така што долги години на негово чело, како вицепремиер, беше Муса Џафери од ДУИ.

Иако постои можност за ротација на Лика од вицепремиер за Рамковен договор во министер за политички систем и односи меѓу заедниците, извори од ДУИ велат дека тоа најверојатно нема да се случи. Новото министерство, според очекувањата, ќе го преземе кадар на ДУИ, ама тоа ќе биде ново министерско име, додека Лика ќе биде разрешен од функцијата. Првично, како можен нов министер во новиот владин ресор се спомнува пратеникот Артан Груби. Не се знае дали новиот министер ќе биде поставен и за вицепремиер или единствен заменик на Заев од редовите на ДУИ ќе остане Бујар Османи во Секретаријатот за европски прашања. Лика ја скандализираше јавноста со недоаѓањето на работа и неучеството на владините седници. Таквото однесување се припишуваше на наводни внатрешни несогласувања во ДУИ.

Во образложението за потребата од ново министерство се наведува дека со Законот за употреба на јазиците се исполнуваат обврските од Рамковниот договор и дека за имплементацијата е потребна поголема координација во смисла на предлагање закони и слично, што е ингеренција на министерство, а не на секретаријат. Во состав на новото министерство ќе влезат управите за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците.

Покрај обврските, новото министерство ќе го преземе и кадарот од 1.700 вработени од Секретаријатот за Рамковен договор. Како што е предвидено, министерот и заменик-министерот во новиот владин ресор треба да бидат избрани во рок од три месеци од стапувањето во сила на законските измени. Сепак, најавите се дека нема да се чека до септември, туку дека новите функционери ќе бидат избрани набрзо по изборите.

Сепак, овие проекции се врз основа на проценки дека претстојните претседателски избори ќе бидат успешни, односно дека ќе завршат со повисок одѕив од 40 проценти и со избор на нов шеф на државата. Во случај, пак, на неуспешни избори отворени се сите опции, па и таа за предвремени парламентарни избори, иако последните најави на премиерот Заев беа дека би одел на такво сценарио ако СДСМ и Стево Пендаровски ја изгубат изборната битка.

Ако изборите завршат успешно, очекуваната смена на Лика ќе биде вовед во поголеми кадровски поместувања во владиниот тим, а промените се планираат и во третиот ешалон на власта, односно на раководни позиции во јавните претпријатија и во акционерски друштва во сопственост на државата. Не се исклучува и промена на ресори меѓу коалициските партнери. Во таа насока беа информациите за можно повлекување на министерот за култура Асаф Адеми од Алтернатива поради здравствени причини, при што во комбинаториките за негов наследник се спомнуваа кадри од редовите на СДСМ. Сепак, од кабинетот на Адеми испратија соопштение со кое ги демантираат, како што е наведено, „шпекулациите пласирани на одредени портали за наводна оставка на министерот за култура“.

Последниве денови сè погласно се шпекулира и за можно вклучување на независната пратеничка група што произлезе од ВМРО-ДПМНЕ во владејачката коалиција. Токму со гласовите на осумтемина пратеници од оваа пратеничка група плус Панчо Минов од ГРОМ е обезбедено потребното двотретинско мнозинство за донесување на измените во системскиот Закон за организација на органите на државна управа, со кои се етаблира новото Министерство за политички систем.

Според владини извори, освежувањето и проветрувањето на извршната власт е планирано од поодамна, со оглед на тоа што претстојните избори ќе бидат своевиден лакмус за расположението на граѓаните точно на двегодишнината од смената на власта на „Илинденска“, како и со оглед на тоа што следната година е исто така изборна. Односно, крајот на 2012 година е термин што е резервиран за редовни парламентарни избори. Претседателските избори на 21 април и на 5 мај се очекува да бидат прв поконкретен тест за власта по референдумот за името на 30 септември минатата година, кој заврши со околу 37 проценти одѕив, како и по спроведувањето на Преспанскиот договор и потпишувањето на протоколот за влез во НАТО. Во меѓувреме, случаите на непотизам што испливаа на површина, исто така, го доведоа во прашање кредибилитетот на дел од носителите на функции во извршната власт. Исходот од изборите, од сите аспекти, почнувајќи од нивната регуларност до одѕивот на избирачите, исто така, ќе претставува еден од критериумите според кои ЕУ ќе ја носи одлуката околу очекуваниот почеток на преговорите за нашата земја. (А.М.М.)