Слави Трифонов бара САД да ги укинат визите за Бугарите, па ќе ја кренеле блокадата на Македонија

Лидерот на партијата Има таков народ, која е дел од владината коалиција, како втор услов го поставува итното влегување на Бугарија во Шенген зоната


 

Од прашања за историјата, Самуил, Гоце Делчев… преку човековите права на Бугарите во Македонија… Софија сега навестува класична трговска зделка. Додуша не од официјалните власти, туку преку Слави Трифонов, лидер на партијата Има таков народ. Трифонов не е член на владата, но неговата партија е дел од владината коалиција, а министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, влезе во кабинетот токму како предлог на Има таков народ.

Во подолгиот пост на Фејсбук Трифонов поставува неколку услови за Бугарија да го смени ставот и да ја одобри преговарачката рамка за Македонија. Тој бара од САД да ги укинат визите за бугарските граѓани, а ЕУ да ја прими Бугарија во Шенген зоната, па Софија ќе може да ја крене блокадата на Македонија.

„Ќе ви кажам што мислам. Бидејќи Американците толку многу ја сакаат Северна Македонија во Европската унија, нека за граѓаните на Бугарија, како и за граѓаните на повеќето земји во Европската унија, да не им требаат визи за да одат во Америка. Односно, ние сме полноправна членка на ЕУ и бугарските граѓани, бидејќи тие се Европејци, да немаат потреба од визи за да одат во Америка“, вели Слави Трифонов.

„И второ, бидејќи сме полноправна членка на Европската унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. Доста е од чекање, чекалници, веќе сме Европејци, ама  сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи – веднаш без визи за Америка и членка на Шенген“, ги поставува условите Трифонов.

Па додава: „Под овие услови, и доколку Македонците, извинете – северните Македонци, ги исполнат нашите услови потпишани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, можеме да го започнеме преговарачкиот процес за пристапување на Северна Македонија во Европска унија“.

Тој вели дека темата „Македонија, извинете – темата Северна Македонија, е важна за сите Бугари. Затоа што тоа е дел од нашата национална историја и најважно – затоа што над 200 илјади бугарски војници загинаа за слободата и обединувањето на оваа земја.

Еднаш отидов во Македонија.

Во Скопје, спроти бугарската амбасада, имаше голем натпис со спреј. Натписот гласеше: ‘Бугари, умрете!’

Стоев пред овој знак половина час. Го погледнав и си помислив – зошто луѓе, што ви направивме за да чувствувате таква омраза?Стотици илјади од вас имаат бугарски пасоши, нели?

За да добиете бугарски пасош, мора да ги докажете бугарските корени. Значи, вие што имате бугарски пасоши во Македонија, извинете – во Северна Македонија, и самите сакате да бидете мртви. Затоа што сте Бугари. Според пасошот. И на ваше барање.

Во вашите учебници по историја пишува дека Бугарите се фашисти. Значи, вие самите сте фашисти.

Се разбира, можам многу да зборувам за ова прашање, со такви факти, но сега времето е поинакво“, пишува Трифонов.

На 10 јануари треба да има состанок на Консултативниот совет за национална безбедност кај претседателот Румен Радев на кој треба да се разговара за бугарското вето за Македонија и позицијата на Софија. По изборот на новата влада на Димитар Ковачевски во Скопје треба да допатува бугарскиот премиер Кирил Петков. Од 1 јануари претседателството со ЕУ го презеде Франција. (Н.В.)