Деспот, тиранин, Хитлер – така го нарече Арсовска Славески

Претседателот на Советот застана пред градоначалничката недозволувајќи ѝ да им се обрати на советниците


 

По паузата од 15 минути во Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска излезе на говорница да одговара на советничките прашања, но претседателот на Советот, Трајко Славески ја повика да седне до него за да може да се слушнат одговорите.

Но, момче од службите на Арсовска ѝ донесе преносни слушалки и микрофон, по што таа можеше да се слушне.

Славески не дозволи вака да се обраќа градоначалничката, со оглед на тоа што половина од системот за комуникација во салата денеска го нема, а Славески смета дека вака само има неовластен систем во функција.

Тој излезе пред говорницата на која стоеше Арсовска и не ѝ дозволи да се обрати, со што беше прекинат преносот во живо.

Славески ја прекина седницата за поставување советнички прашања, откако на Арсовска ѝ забрани да се обрати прад советниците усно и побара тоа да го стори писмени, затоа што смета дека таа ја опструира седницата.  Таа застана пред говорницата и го нарече Славески деспот, тиранин и Хитлер. До Славески седеше советникот Гордан Шутаров, од каде требаше да постави советнички прашања. 

Арсовска, шетајќи низ салата, со мобилниот систем за комуникација, кој пат беше поврзан со оној од кој се пренесуваше во живо, го обвини Славески дека ги организира синдикатите на јавните претпријатија да го блокираат градот.