Славески и Битиќи во клинч за платите

Славески го повикува на помош Ајнштајн, Битиќи зборува дека професорот се служи со погрешни пресметки, па изведува погрешни заклучоци


 

Едниот преку Икс (порано Твитер), другиот преку Фејсбук – членот на Извршниот комитет на ВМРО – ДПМНЕ, актуелен претседател на Советот на Град Скопје и поранешен министер за Финансии Трајско Славески, и вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ Фатмир Битиќи се фатија во костец докажувајќи колку пораснале платите. И, дали поголем раст имало во времето на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ или пак сега кога СДСМ е на власт. Во оваа нивна јавна дебата не недостасуваат и „удари“ под појасот и делење недолични епитети, иако, во целина, и двајцата настојуваат да држат пристојно политичко ниво  во оваа нивна полемика.

Така, во најновата епизода, Славески се повика дури и на еден од најголемите умови Алберт Анштајн, цитирајќи го дека „Сложениот интерес е осмото светско чудо. Тој што го разбира, го ќари. Тој што не го разбира, го плаќа“, одејќи потоа под нивото на пристојноста велејќи дека „ова го има кажано големиот Ајнштајн (тој од Улм, Кралството Württemberg, денешна Германија – не оној од гостиварско Форино, Соц.РМ, денешна Nordmazedonien) за моќта на сложениот интерес (популарно „камата на камата“).

Славески вели дека Битиќи бил веројатно вознемирен од неговата констатација „дека политиките на СДСМ доведоа и водат до драстично опаѓање на вредноста на денарот, особено во изминатите две години за една четвртина (25%). Според него, Битиќи, во претходниот одговор на оваа тема на Фејсбук, „покажува елементарно непознавање од проблематиката на пресметување на стапките на раст на која било категорија со тек на време“.

„Тој тврди дека вкупната (кумулативна) официјална стапка на инфлација за двете години не била 25% (поточно 24,9%), туку 23,6%. Едноставно ги собрал двете стапки на инфлација – 14,2% во 2022 и 9,4% во 2023 година!“, вели Славески, претпоставувајќи дека се работи за грешка од невнимание. „Ако не е така, се работи за манипулација, затоа што задача од ваков тип добиваат петтоделенците на општинските натпревари по математика“, вели Славески.

Потоа, во професорски манир, се служи со граѓанските обврзници кои неодамна ги издаде Министерството за финансии, при што, како што вели Славески, под претпоставка дека Битиќи купил „граѓански обврзници“ во износ од 100.000 денари, што му носи принос од 5% годишно, според неговата логика, за две години ќе бил задоволен со камата од 10.000 денари, по 5.000 денари за секоја година, иако, всушност вистинскиот ќар би бил не 10.000, туку 10.250 денари.

Славески потоа според оваа логика, го елаборира и порастот на платите, па вели дека номиналната плата во периодот 2021-23 година се зголемила за 27,5%, но дека станува збор за просечен раст на платите во текот на годината, а не за индекси базирани на износите во последниот месец од годината, што, како што нагласува, е коректен пристап за компарација и изведување заклучоци.

„Претходно се согласивме дека стапката на инфлација, мерена според индексот на трошоци на живот, во истиот период изнесувала 24,9%, што значи дека вистинскиот раст на реалната плата во овој период се зголемила за 2,6%, а не за 10% како што тврди господинот Битиќи“, вели Славески, додавајќи дека од 2006-2016 година, според официјално статистички показатели, просечната плата забележала номимален раст од 65,3%, а реалниот раст изнесувал 35,3%. Во периодот 2016-2023 година пак, просечните плати номинално пораснале за 63,9%, а реално за 21,3%.

На оваа реакција веднаш возврати и Битиќи кој на Фејсбук напиша дека на професрот Славески „очигледно не му лежат предметите каде се изучува методологија и економетрија“, па ги прикажува бројките како му одговара, и некој му „дошепнал лош превод за кумулативна годишна стапка на раст“.

 

„Кога сме кај бројките сакам да ве потсетам дека просечната плата за 2006 треба да се зголеми за 2.300 денари кои во тоа време беа дополнително исплаќани како додаток за превоз и исхрана, а не влегуваа во нето платата. И кога ќе се коригира вашата весела математика со овој факт, добиваме дека нето платите од 2006 до 2016 номинално пораснале не за 65,3%, туку за 41,2%, па оттука реалниот раст на плати за периодот од 2006 до 2016 година е 11,2%“, вели Битиќи прашувајќи: „Што е повеќе, 11,2% за 10 години, или 21,3% за шест години“.

Тој во претходен пост исто така полемизирајќи со ставовите на Славески во врска со реалниот раст на платите, оспори дека вкупната инфлација за 2022 и 2023 е 25%, како што професорот Славески наведува по социјални мрежи, туку реално по официјалните бројки на ДЗС изнесува 23,6% (14,2%+9,4%).

„На почеток со растот на нивото на платите во целокупната економија во истиот период, односно да споредиме просек од декември 2023 и 2021 година, за кои веќе имаме официјален податок. Резултатот, погодувате, секако го негира тврдењето на професорот, затоа што во истиот тој период од просечните 29.943 денари за декември 2021 платата се зголемила на просек од 39.998 денари во декември 2023, или тоа е кумулативен раст од 33,6%. Или, да биде појасно за проф. Славески оваа Влада го зголеми стандардот на нашите сограѓани за точно 10 процентни поени, што е далеку далеку повеќе од 0 (нула), односно она што неговата партија и тој самиот, додека имале шанса, го направиле за граѓаните“, напиша Битиќи одговарајќи на реакцијата на Славески во врска со порастот на платите за кој зборува СДСМ.

Во таа реакција, Славески вели дека и покрај тоа што СДСМ се фали дека со нивните политики просечната нето плата достигнала 40 илјади денари, иронично забележува дека „политиките на СДСМ за само две години, 2022 – 2023 со инфлација од 25 отсто ја урнисаа куповната моќ на денарот“.

„Ако во јануари 2022 година со 1.000 денеари сме можеле да купиме четири килограми пилешко, во декември 2023 година со истата илјадарка можевме да купиме само три килограми пилешко“, напиша Славески. (Н.В.)