Славески е против продажба на земјоделското земјиште


Универзитескиот професор Трајко Славески, кој е и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за финансии, смета дека Владата треба да ја преиспита намерата за продажба на земјоделското земјиште. Според него, тоа може да го загрози снабдувањето со храна во иднина.

„Идејата за продажба на земјоделско земјиште не е нова, но мислам дека треба да се провери дека владите во Европа и во земји кои што се претежно планинински на Балканот, како што е Република Македонија располагаат со скудно обработливо земјоделско земјиште, не предвидудаваат продажба на земјоделско земјиште затоа што со тоа може да ја продадете вашата сигурност за обезбедување на храна во иднина“, рече Славески.

Тој нагласи дека има големи земји на кои им е потребно, како на пример Кина и други на кои им се потребни големи површини на земјоделско земјиште, но сѐ што ќе се произведе тука ќе оди за задоволување на нивните потреби. Оттаму, тој препорачува да се преиспита оваа идеја и да се увиди зошто претходните влади до сега во изминатите 30 години имале цврст став дека земјоделско земјиште никако да не се продава.

„Градежното земјиште да, земјоделското не“, рече Славески.

Во однос на Предлог-буџетот за 2021 година тој рече дека не е случајно што се наметна прашањето околу даночните приходи кои се укосница на вкупните буџетски приходи бидејќи се преоптимистички надежите дека ќе има прилив на средства од други неданочни приходи.

„На пример продажбата на државен имот, некои претпријатија кои се спомнаа прашање е сега која е нивната вредност. Прво, ако се работи за загубари, која е вредноста на нашите железници кои се слепо црево во Европа. Знаеме како функционираат и колкав ќе биде интересот. Со Поштата која ја девастираме со години, се пропушти можноста една генерација односно пред 12-13 години да се продаде на заинтересираниот инвеститор на канадските пошти и таа има многу мала вредност“, истакна Славески во дебатата за Буџетот на националниот радиодифузен сервис заедно со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Фатмир Бесими, академик Абдулменаф Беџети, професорот Марјан Петрески и директорката на Македонија 2025, Никица Мојсоска-Блажески.

Славески исто така рече дека е добро да се планира фискална консолидација затоа што тргнуваме од еден многу висок буџетски дефицит, кој ако се реализира ова што се предвидува за 2020 година е над 8 отсто, но предупреди тоа да не биде нагло.

„Секоја брза фискална консолидација може негативно да се одрази на економијата затоа што е фискална контракција“, рече Славевски, додавајќи дека Владата мора уште во овој момент да започне да го покажува светлото на крајот од тунелот, да ги потпомага оние сектори во економијата кој најбрзо и најлесно ќе не извадат од кризата. Тој смета дека доколку се остане на сегашната развојна стратегија на Владата, односно на форсирање на личната потрошувачка, стапките за раст на БДП се преоптимистички и не се остварливи.