Славески: Добро бе луѓе, брои ли некој? Што сте сите како здрвени? – неизвесен приватниот превоз во Скопје
Претседавачот на Советот сам ги броеше гласовите и рече дека е донесен заклучок без да каже колкумина биле во салата и колкумина гласале
На денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје, претседателот на Советот Трајко Славески, сам ги изброја гласовите на советниците кои гласаа по заклучокот што сам од почетокот на седницата го предложи, при што заклучи дека е донесен со мнозинство гласови од присутните, а колку беа – не кажа.
Кога заклучокот го стави на гласање, по неколку паузи и долга дискусија, координаторот на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, го молеше за процдедурално обраќање и пауза, што Славески не дозволи.
Освен Јанчева, во салата не остана никој од советниците на СДСМ и коалицијата, но претседателот заклучи дека има кворум.
Со заклучокот, откако сам преброја дека е изгласан и откако ги тераше службите да пребројат и им се обрати со зборовите: „Добро бе луѓе, брои ли некој? Што сте сите како здрвени?“, ја задолжи градоначалничката заедно со службите, во текот на денешниот ден, да изработат нова пресметка по постоечката методологија, со која би се зголемила цената на извозен километар за приватните превозници во јавниот градски сообраќај во Скопје, што ЈСП ќе треба да им го исплаќа.
Иако, во текот на дискусијата неколкупати беше укажано дека тоа е прекомплицирана работа за а да се заврши за половина час, како и дека ребаланс на Буџетот на Градот не можат да направат по 15 ноември, со што ќе нема како да се исплати зголемувањето.
За приватните превозници прифатлива е цената за изминат километар да се зголеми за 30 денари, односно да биде 100 денари, онака што им предложиле советниците на ВМРО-ДПМНЕ на завчерашната средба. За ова се дискутираше во Советот на Град Скопје на вонредната седница и главната забелешка на советниците од опозицијата беше како би се обезбедиле овие дополнителни средства, освен со ребаланс на буџетот кој законот дозволува да се направи само до 15 ноември.
Иницијативата за отпочнување на постапка за зголемување на цената на услугите на приватните превозници кои ја добиваат од ЈСП, ја поднесе советникот Горан Арсов од СДСМ. Тој наведе дека потребно е и да се овозможи на оние линии каде што има недостаток на автобуси од ЈСП да се вклучат со свои возила и приватните превозници за да се надмине проблемот.
„Исто така, во новите договори што ќе се склучат со приватните превозници во мај в година да се предвиди, автобусите со мотори Еуро 2, 3, и 4 да се исклучат од сообраќај, бидејќи е големо загадувањето“, истакна Арсов.
Советникот Мартин Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предлог-цената по изминат километар да се зголеми за 30 денари во период од 1 декември до мај следната година била прифатлива за приватните превозници.
„Тоа е доказ дека се грижиме за граѓаните“, наведе Стојановски и истакна дека претставниците на приватните превозници беа задоволни од предлогот и се откажале од најавената блокада.
Тој апелираше до сите советници, до градоначалничката на Скопје и градските служби да го уважат ова, а зголемувањето би било од ребалансот на буџетот во декември и тие средства би се предвиделе и со буџетот за 2025 година.
На тоа реагираше советникот Гордан Шутаров од СДСМ, кој нагласи дека не му е јасно како може да се изведе тоа, кога ребаланс на буџетот општините можат да носат до 15 ноември.
„Тоа е само еден обид да се смири ситуацијата. Ребаланс на буџетот по 15 ноември не поминува ниту на една општина. Ребалансот не е можен по 15 ноември. Ако сакаме да помогнеме и да им излеземе во пресрет на граѓаните, потребно е искрено и со дијалог да пристапиме кон приватните превозници. Потребна е ревизија на постапката како ЈСП ја тарифира услугата на приватните превозници со кои има склучено договор. Постапката треба да се почне со донесување заклучок со кој ќе го задолжиме Град Скопје, комисиите во градот, Секторот за сообраќај, ЈСП да започнат експанзивна постапка за да се дојде до предлог одлука – појасни Шутаров и апелираше до приватните превозници дека сите нивни барања ќе бидат земени предвид, замолувајќи ги да не го блокираат градот од понеделник.
Координаторката на Советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, дополни дека со предложеното решение од советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема искрена желба да се реши проблемот, бидејќи од буџетот на Град Скопје за 2024 година не можат да се изнајдат средства.
„Кого замајувате, нас или јавноста. Ако се грижевте за граѓаните ќе седневме заедно. Ако имавте искрена намера ќе известевте преку електронска пошта“, нагласи Јанчева.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во телевизиско гостување вчера објасни дека набавката на нафта за ЈСП – Скопје е заглавена поради одлука на Бирото за јавни набавки, кое ја поништило постапката. Според неа, постапката била спроведена според сите законски норми, но оти политиката е главниот фактор што ги блокира набавките.
Таа посочи дека доколку кризата продолжи, граѓаните повторно ќе се соочат со прекин на јавниот превоз и оти одлуката за идната стратегија, како и за решавање на проблемите со приватните превозници, останува кај Советот на Град Скопје, каде што мнозинство има ВМРО-ДПМНЕ.
Сметката на Јавното сообраќајно претпријатие е блокирана поради долг кон добавувачот на нафта за автобуси. Ваквата информација ја потврди директорот на јавното претпријатије Драги Кушевски пред почетокот на вонредната седница на Град Скопје.
„Оваа блокада нема да има импликации врз тендерот за набавка на гориво и платите на вработените“, рече Кушевски.
Директорот посочи дека не ја знае точно сумата која ја должи ЈСП кон добавувачот.