Скопското Кале мора да заличи за Скопје како европска престолнина на културата во 2028 – нови 8 милиони денари за симболот на Скопје
На Скопското Кале денеска започна акција за средување на вегетацијата, а наскоро ќе почне и обновување на двате музеи кои се наоѓаат на тврдината

На Скопското Кале денеска започна акција за средување на вегетацијата, кој простор подолго време е обраснат со висока и сува трева. Наскоро ќе почне и обновување на двате музеи кои се наоѓаат на тврдината.
Министерот за култра и туризам Зоран Љутков денеска при посетата на Калето заедно со претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски и неколку градоначалници на скопските општини, истакна дека симболот на нашата историја и култура последниве десетина години е девастиран и без никакво внимание. Информираше дека состојбата е лоша и со двата музеи на Калето за кои, како што рече, ќе треба комплетно обновување на целата механизација и климатизација.
-Направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме осум милиони денари коишто ќе бидат искористени до крајот на годината. Веднаш ќе пристапиме со распишување на јавна набавка за поправка на овие простории. Подоцна и со реализација на целиот овој огромен проект којшто ќе треба веќе од 2026 година да биде пуштен во употреба, истакна Љутков.
Целта е, рече тој, 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата овој простор да биде еден од најискористените.
Директорката на Управа за заштита на културно наследство Весела Честоева информираше дека Управата ја спремила техничката спецификација.
-Ќе го распишеме тендерот за да може да се влезе и да се отпочне со работа. Управата за заштита на културно наследство во изминатиот период во неколку обиди проба да стапи во контакт со Градот Скопје, со ЈП паркови и зеленило. За жал, неуспешно. Затоа како Управа инициравме до ЗЕЛС, до Орце Ѓоргиевски и наидовме веднаш на одговор и по тој повод е и денешната акција која што е дел од планот за ревитализација на скопската тврдина Кале, појасни Честова.
Порача дека Управата до крајот на годината ќе успее да ги заврши овие два инфраструктурни проекти и ќе ги стави во функција.