Скопскиот поетски фестивал од 24 до 26 април со домашни и странски поети


Петтото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 24 до 26 април на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“ и Галерија), во кафе-книжарницата „Буква“ и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.

Ќе гостуваат поети, од пет држави, а ќе настапат и триесетина домашни поети. Од странство ни доаѓаат автори од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија и од Бугарија.

Мотото на годинешниот фестивал е „Од ритам до алгоритам“ („Поезијата е ритам ‒ од срцата в гради до пулсот на градот. / Јазикот е алгоритам ‒ со кодови го храни за смислата гладот“). Со ова мото сакаме да го одбележиме нашиот мал јубилеј ‒ 5 години СПФ, но и да го поврземе со големиот јубилеј 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Автор на постерот е Андреј Павлов.

Официјалното отворање е закажано за 24 април во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, и во деновите што следуваат ќе се одржат неколку поетски читања, поетско-музички перформанси, промоции на книги, изложба на парфеми, а ќе се одржи и мастерклас/работилница за креативно пишување поезија.

Како преднастан на фестивалот и оваа година во кафе-книжарницата „Буква“, на 12 април од 20:00 часот, ќе се одржи настанот за млади поети „Отскочна даска #4“, на кој ќе настапат единаесетмина млади поети и поетеси на возраст од 16 до 25 години.

Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и Традуки.