Скопскиот маратон го блокира Скопје

Организаторите апелираа до граѓаните на трпение поради привремениот сообраќаен режим, кој ќе трае до 14 часот


Фото: Б. Грданоски

Учесниците се радуваа, а возачите негодуваа денес, од утрото со првите зраци на сонцето над главниот град, кога започна 21. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, кое оваа година бележи рекорден одѕив – повеќе од 14.000 тркачи од 58 земји низ светот.

Трките започнаа пред Собранието, а целта за сите категории е поставена на Плоштад Македонија. На манифестацијата учествуваат маратонци, полумаратонци, штафетни тимови и рекреативци во популарната „Комерцијална банка 5K“ трка. Временските услови се идеални за трчање – сончево и стабилно време, што дополнително придонесува за одлична атмосфера на најголемиот спортски настан во земјата. Организаторите апелираа до граѓаните на трпение поради привремениот сообраќаен режим, кој ќе трае до 14 часот.

Трасата на Комерцијална Банка 5K трката започна во близина на Црвениот крст на РМ, право по ул.„11-ти Октомври“, лево по бул.„Крушевска Република“, десно по бул.„3-та Македонска Бригада“, полукружно на крстосница помеѓу бул.„3-та Македонска Бригада“ и ул.„Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад „Македонија“ на ул.„11-ти Октомври“.

Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, со тоа што полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а маратонците трчаат уште еден круг.

За време на одржувањето на маратонот сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните улици, при што МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници долж трасите на движење и навремено да го планираат своето движење.

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски во машка и Ирине Џеруто од Кенија во женска конкуренција победија на годинешното, 21. по ред, издание на Виз Ер скопски маратон.

Ивановски ја мина делницата во должина од 42 километри со време од 2:14:50 часа, триумфирајќи со извонреден финиш во кој во завршните два километри го остави зад себе Кениецот Џулиус Кипкоеч, кој долго време водеше во трката, а на крајот заврши второпласиран, заостанувајќи 30 секунди зад победникот. Третото место го освои Грузиецот Давити Каразишвили со време од 2:19:59 часа.

За Ивановски ова а втора победа на Виз ер скопскиот маратон, по успехот во 2021 година.

На женскиот маратон, Кенијката Џеруто беше најбрза со време од 2:38:31 часа, оставајќи ги зад себе Маринела Нинева од Бугарија (2:45:36), на второто и Ана Јусупова од Азербејџан (2:48:10), на третото место.

Во полумаратонската трка најбрзо време истрчаа Албион Имери во машка и Греса Бакрачи во женска конкуренција, додека во најмасовната трка на 5 км, на која на стартот се појавија околу 10.000 учесници, победија Григоријан Никовски и Ирма Хајдари.

Во штафетниот маратон – ЕУ за спорт, победата во машка конкуренција ја однесе екипата „Врањски маратонци“ (2:26:34).

Генерален покровител на традиционалниот Виз Ер скопски маратон годинава беше Министерството за спорт.

Резултати:

Маратон

машка конкуренција

Дарио Ивановски (2:14:50)

Џулиус Кипкоеч (2:15:20)

Давити Каразишвили (2:19:59)

Женска конкуренција

Ирине Џеруто (2:38:31)

Маринела Нинева (2:45:36)

Ана Јусупова (2:48:10)

Полумаратон (21 км)

Машка конкуренција

1 Албион Имери (1:07:57)

2 Иван Пешовски (1:11:30)

3 Александар Арсов (1:12:52)

Женска конкуренција

1 Греса Бакрачи (1:20:50)

2 Теа Божиновска (1:21:10)

3 Милјана Ристиќ Стојчевска (1:22:13)

Трка на 5 км

Машка конкуренција

1 Григоријан Никовски (15:53)

2 Гилман Јунузи (16:41)

3 Роберто Димитриевски (16:43)

Женска конкуренција

1 Ирма Хајдари (18:54)

2 Дарија Крстевска (20:02)

3 Николина Милевска Велјановска (21:19).

Штафетен маратон – ЕУ за спорт

Врањски маратонци (2:36:34).