Скопски „Водовод“: Дефектот на водоводната инсталација во Козле е во сопственост на болницата

П „Водовод и канализација“-Скопје во врска со прекинот на водоснабдувањето на Детската болница Козле попладнево информираат дека при нивниот извршен увид констатирале дека причина за прекинот не е во нивна надлежност. Посочија дека станува збор за дефект кој е во сопственост на болницата.
-ЈП „Водовод и канализација“-Скопје ја информира јавноста дека наши екипи извршија комплетен увид на терен и констатираа дека причина за прекинот не е во наша надлежност. Односно, станува збор за дефект на водоводната инсталација која е во сопственост на болницата. За наведеното, известени се надлежните во болницата и тие треба да го санираат дефектот на внатрешната водоводна инсталација, велат од скопски Водовод.
Од јавното претпријатие посочуваат дека и покрај нивните апели, во текот на увидот констатирале дека болницата Козле нерационално ја користи водата за пиење, со полевање на парковската површина во склоп на болницата, додека се занемарени примарните работни активности на истата.
-Самото тоа укажува на фактот дека и покрај обвинувањата од раководството на болницата, ЈП „Водовод и канализација“-Скопје нема никаква вина поврзана со прекинот на водоснабдувањето и ги отфрла сите обвинувања. И покрај горе наведеното, ЈП „Водовод и канализација“-Скопје со оглед дека станува збор за сензитивна работа, излезе во пресрет и постави цистерна со питка вода пред самата болница. Во прилог видео за злоупотреба на водата за пиење и нерационално користење на истата, соопштуваат од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.